-„Итно ми требаш“ беше фантастична музичка приказна за една незаборавна ноќ: излегуваш во клуб, некоја женска намерно те погледнува и намерно ти се насмевнува и… потоа итно ти треба. Сега е сменет насловот, се вика „Уште ми требаш“. Поемотивна е, а се работи за спомен што не е избледен, за едно убаво сеќавање. Целта на приказната е тоа што се случува сега. Затоа е сменет и текстот на песната, почувствителен е. Веќе не се работи за ноќно излегување, сега сме возрасни, се работи за чувствата што останале, ни раскажа пејачот и композиторот Јован Јованов за старо-новата песна.
Настаната е пред цели 18 години, кога исто така на “Макфест“ ја испеаја Јованов, Тони Зен и Ламбе Алабаковски. Сега, овој 31 октомври, премиерно, како нова, ќе биде испеана на „Макфест 2026“, надвор од конкуренција. Песната е авторско дело на Јован Јованов, кој ја напиша музиката, текстот е на Јован и Тони Зен, додека продукцијата е на Иван Јованов, братот на Јован. (Д. М.)












