вторник, јуни 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ченто ја тужи Русковска за „договор“ со сведок, таа тврди: Ниту една...

Ченто ја тужи Русковска за „договор“ со сведок, таа тврди: Ниту една изјава немам скриено

1502
И по девет години од настаните во Собранието, на 27 април, се отвораат прашања

 

Осудени за настаните од 27 април поднесоа кривична пријава за попречување на правдата и за злоупотреба на службената положба, против поранешната обвинителка Вилма Рускоска, која ја водеше истрагата за упадот во законодавниот дом. Пријавата до Обвинителството ја поднесе Јане Ченто, кој во изјава за медиумите кажа дека доставиле докази дека еден од сведоците потпишал нотарска изјава дека не ја зборувал вистината на судењето за 27 април, бидејќи му биле ветени отстапки за други предмети.

– Доказите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во оваа постапка, меѓу брат на еден висок функционер и сведок, на можни договори со обвинителот, како и на насочување на сведочењето што го даде сведокот во таа постапка. Сведокот, со изјава заверена на нотар, изјавува дека неговиот претходен исказ даден во постапката бил невистинит и дека му било ветено дека ќе му се помогне во други кривични постапки доколку даде таков исказ. Дополнително, постои вештачење на телефони од овластен судски вештак, кои ја поткрепуваат изјавата од сведокот заверена на нотар – вели Ченто, кој е најактивен во борбата за докажување на правдата на осудените за 27 април.

– Кога имате заверени искази на нотар, кога се признава дека лажно се сведочело и кога имате јавно признание за притисок врз судија поротник, тогаш ова не е веќе политичка тема. Ова не е обичен случај, ова е случај во кој имаме основано сомнение дека се користеле незаконити докази, се вршеше притисок врз сведоци и се донесе пресуда врз основа на монтирана постапка – рече Јане Ченто и најави дека ова е првиот чекор во борбата.

– По одбивањето од Кривичниот и од Апелациониот суд, еве сега има можност, во овој контекст, со оваа кривична пријава против поранешната обвинителка, материјалните докази што беа одбиени од Судот сега да мора да влезат во правна процедура – кажа тој.

Поранешната обвинителка Русковска, во интервју за „4NEWS“, ги отфрли обвинувањата од дел од осудените за наводен нов доказ, што, впрочем, се потврдило со одлуката на Апелациониот суд.

– Пресудата за 27 април беше потврдена од Апелација и од Врховниот суд, ова е наводно нов доказ за повторно судење. Доказите ги видовме сите, се повикуваа на некоја изјава. Јас најодговорно тврдам дека ниту една изјава на ниту еден сведок немам скриено. Одбраната ги имаше сите докази. Јас воопшто не се посомневав дека Судот ќе прифати повторување на постапката. Пресудата најмногу се темели на материјални докази, не толку на искази од сведоци – рече Русковска во поткастот „Ноќно студио“.

Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот дека е монтиран случајот во кој невини луѓе беа прогласени за терористи.

– Требаше да одговараат за престапот што реално го направија, но, за жал, тие одговараа за тероризам, нешто што беше невидено во тој момент. Што се однесува на настаните од тој период, самите обвинители и судии сведочат за фингирани процеси, за уценети и обвинители, и судии, и политички наредби – како да се суди. Луѓе беа ослободувани од притвор, за уши влечени да гласаат во Собранието – изјави Мицкоски.

Од опозицискиот СДСМ велат дека сликите од 27 април се врежени и по девет години.

– Крвави лица на пратеници, дупнати глави, напади со шипки и столови, влечење, дивеење и уништување во храмот на демократијата. А денешниот премиер, Христијан Мицкоски, тој ден беше пред Собранието. Девет години подоцна, наместо целосна правда, сведоци сме на обиди за срамна рехабилитација на насилниците. По доаѓањето на ВМРО-ОКГ на власт, осудени лица за 27 април се пуштаат од затвор со само еден потпис. Истовремено, истите луѓе и истите мрежи повторно се активираат – кажа Богданка Кузевска.

Минатата недела, Апелациониот суд го одби барањето за повторно судење за 27 април. Јане Ченто, во објава на „Фејсбук“, коментираше дека е очекувано тоа од систем што со години се штити самиот себеси.

– Но, ова не е крај. Ова е само уште еден доказ дека правдата тука не доаѓа сама, туку се освојува. Битката продолжува и ќе продолжи со сите расположливи механизми. Очекувам новиот јавен обвинител да постапи соодветно во периодот што следува и да покаже дали, конечно, ќе има вистинска правда. Следува период во кој многу работи ќе излезат на површина – најави тој.

Во мај 2023 година, Врховниот суд ги одби барањата за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „27 април“ и ги потврди одлуките на Кривичниот и на Апелациониот суд.

Во макотрпниот судски процес за упадот и насилството во Собранието, 16-мина беа осудени на затворски казни за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во овој предмет беа опфатени уште 15 лица, но добија амнестија со законот што беше донесен во Собранието во декември 2018 година. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ