Периодот од 2022 до 2024 година што го анализира Македонското здружение за заштита при работа, покажува континуитет на висок ризик на работните места, со особено изразени проблеми во градежништвото, индустријата и неформалниот сектор. Наместо тренд на стабилизација, се забележува пораст на повредите и задржување на смртноста на загрижувачко ниво – реалност што, како што предупредуваат експертите, бара итни и системски мерки, пред бројките да продолжат да растат.

Трагичниот настан на територија на Општина Кисела Вода, во кој едно лице го загуби животот, а три лица се повредени во ископ на темели на зграда, најблиску ја отсликува суровата реалност дека во Македонија се гине на работното место. Според извештаите што ги има објавено Македонското здружение за заштита при работа, во 2022, 2023 и 2024 година (за 2025 година се очекува извештајот да биде објавен утре), извршувајќи работа се повредиле вкупно 356 лица, а вкупно 54 го загубиле животот на своето работно место.
Овие бројки, според Македонското здружение за заштита при работа, ниту оддалеку не ги опфаќа сите случени несреќи на работното место, смртните случаи на работното место, ниту, пак, професионалните заболувања. Овој извештај е еден континуиран напор на група професионалци од Македонското здружение за заштита при работа, кои веруваат дека работите мора да се променат на подобро бидејќи другата алтернатива е опустошена Македонија.
Во продолжение, тие подетално образложуваат дека најмногу повредени има во преработувачката индустрија, во јавната управа, одбраната, во градежништвото и во услужните дејности, додека градежните работници се посочени како ризична категорија вработени која најчесто гине.
Трендовите по години покажуваат дека состојбата со безбедноста и здравјето при работа во Македонија не само што не бележи суштинско подобрување туку во одредени сегменти дури и се влошува, особено кога станува збор за повредите на работното место и на ризиците во одредени сектори.
Во 2022 година, според анализите на Македонското здружение за заштита при работа, биле регистрирани 22 смртни случаи при работа. Иако оваа бројка претставува благ пад во однос на претходната година, стапката од 3,17 загинати на 100.000 работници и натаму ја позиционира Македонија меѓу земјите со висок ризик. Дополнително загрижува фактот што овие податоци не ги опфаќаат случаите на смрт предизвикани од професионални заболувања, што значи дека реалната слика е, најверојатно, уште потешка. Во тој период веќе јасно се наѕира структурниот проблем – недоволна превенција и слаб институционален надзор.
Веќе во 2023 година, бројките добиваат поинаква димензија. Податоците од Државниот инспекторат за труд укажуваат на дури 2.237 повредени работници, што преведено во стапка значи 323 повредени на секои 100.000 вработени. Овој податок, кога ќе се спореди со европските статистики, отвора сериозни дилеми за вистинската состојба на терен. Анализата по дејности покажува дека преработувачката индустрија останува најризичен сектор со 29 регистрирани несреќи, веднаш по неа се градежништвото и јавната управа со по 22. Но, најцрната статистика повторно доаѓа од градежништвото – дури 7 смртни случаи, што ја потврдува перцепцијата дека токму оваа дејност е „црна точка“ на пазарот на труд. Покрај тоа, значителен дел од трагедиите се случуваат и во рамки на домаќинствата, особено во земјоделството, каде што несреќите со трактори и импровизирана механизација се честа појава.
Во 2024 година, трендот на зголемување продолжува. Регистрирани се 133 несреќи при работа, од кои 15 со смртен исход. Стапката на смртност се искачува на 2.45 на 100.000 вработени, што е пораст во однос на 2023 година. Уште поалармантен е порастот на повредите – стапката достигнува 16,76, што значи дека 16 до 17 работници на секои 100.000 се здобиваат со потешки повреди. Географски, несреќите се сè пораспространети – регистрирани се во 23 од вкупно 34 градови, односно во речиси две третини од државата. Скопје и понатаму доминира по бројот на несреќи и смртни случаи, што е очекувано со оглед на концентрацијата на индустрија и градежни активности, но истовремено укажува и на системски пропусти во најголемиот урбан центар.
Анализата по сектори за 2024 година дополнително ја потврдува ризичната структура на македонскиот пазар на труд. Најмногу несреќи се регистрирани во јавната управа и одбраната (26), преработувачката индустрија (25) и градежништвото (22). Сепак, кога станува збор за смртни исходи, градежништвото е повторно на врвот, заедно со транспортот и складирањето, со по четири жртви. Забележителен е и континуитетот на трагедии во дејностите на домаќинствата, што повторно го отвора прашањето за нерегулираната и недоволно контролирана работа во земјоделството и приватните имоти.
– Сведоци сме на пандемии од светски размери, на економски колапси на цели држави, војни кои немаат никаква смисла и единствено служат за да остварат налудничави цели на одредени елити кои останатите единствено ги препознаваат како бројка. Но живееме и во време кога со леснотија прифаќаме дека „другите“ можат да се повредуваат, да се разболуваат и да гинат на работните места. Кога елитистите зборуваат за работна недела од 60 работни часови и „согласност“ на работниците да работат „за да заработат“ повеќе. Нашиот умен народ рекол дека и „100 стапови по туѓ грб воопшто не болат“. Така е и со несреќите на работното место. Но кога ќе се случат, е тогаш е веќе доцна – нагласуваат од Македонското здружение за заштита при работа.
„28 април – ден за сеќавање и повик за побезбедна иднина“
Светскиот ден за безбедност и здравје при работа (28 април), кој го одбележува Меѓународната организација на трудот, годинава ќе биде одбележан под мото: „Безбедна работа, здрави работни места: справување со психосоцијалните ризици на работа“. Овој ден се одбележува во 120 земји во светот како Меѓународен ден за сеќавање на паднатите работници, а акцентот е ставен не само на физичката безбедност туку и на менталното здравје и на благосостојбата на работниците, како клучен дел од безбедната работна средина.
Се проценува дека речиси два милиони работници ширум светот умираат на работа секоја година, со 260 милиони повреди на работното место и огромен број професионални болести.
(С. Бл.)












