Не само пратениците да имаат обврска да поседуваат само едно – македонско државјанство туку и други функционери. Подготвеност за вакво надополнување на неодамнешниот предлог, кој во македонското Собрание го поднесе владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, вчера искажа и премиерот Христијан Мицкоски откако тоа минатата недела го стори и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Премиерот изјави дека нема против да се ограничи можноста пратениците да поседуваат двојно државјанство доколку тоа го дозволуваат Уставот и законите, како и да се прошири ограничувањето и на извршната власт и на претседателот на државата.
– Ако правните експерти, правно-уставните експерти, велат дека нема никаков проблем, тогаш апсолутно поддржувам. Јас немам двојно државјанство, ниту, пак, имам намера да имам двојно државјанство. Моето државјанство е македонско и да, нека се прошири ако го дозволуваат тоа законот и Уставот, јас немам ништо против – рече вчера Мицкоски.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е и професорка по Уставно право, изјави дека со закон може да се ограничи двојното државјанство, но порача тоа да не биде само за пратениците туку и за извршната власт, односно за министрите и за претседателот на државата. До ова доаѓа откако пратениците од опозициската партија СДСМ поднесоа амандман обврската да се поседува само македонски пасош да се однесува и на министрите, и на вицепремиерите, и на други избрани и именувани функционери, при што би требало да почне да важи веднаш.
Од опозициската партија и вчера ја обвинија владејачката партија дека одбива да го поддржи предлог-законот со кој би се забранило двојно државјанство за пратениците, членовите на Владата и за други носители на јавни функции.
– Министри, пратеници, градоначалници и директори на јавни претпријатија поседуваат двојно државјанство. Додека јавно се блокираат европските процеси, приватно, дел од нив си обезбедиле европски пасоши за себе и за своите семејства – рече Петар Огњеновиќ, член на партискиот ИО.
Заложбите на премиерот Мицкоски и на претседателката Сиљановска-Давкова го отвораат прашањето како во домашното законодавство ќе се операционализира новата обврска. Со неа, избраните и именуваните функционери ќе треба да избираат меѓу два пасоши и функцијата што сакаат да ја извршуваат.
Инаку, македонскиот Устав и законите дозволуваат нашите државјани, покрај македонско, да имаат и државјанства на други земји. Во конститутивниот акт, во членот 4 е наведено дека нашите граѓани имаат македонско државјанство и дека се уредува тоа со закон. Во Законот, пак, е наведено дека „македонски државјанин може да има и државјанство на друга држава“. Правните експерти сметаат доколку се воведе обврската за еден пратеник – еден пасош, тогаш е подобро да се примени правилото за сите функции. Меѓутоа, тие поставуваат прашање дали е добро тоа со оглед на тоа дека речиси во сите европски земји функционерите имаат право на двојно државјанство. (Б. Ѓ.)
Нема да има криза ако СДСМ го напушти Собранието
Нема да има политичка криза ако СДСМ го напушти Парламентот, ниту застој во реформскиот процес. Ако некој одлучил да се маргинализира од политичката сцена, јас не можам да го спречам, рече денеска премиерот Мицкоски. Тој одговори на новинарско прашање во врска со изјавите за напуштање на работната група за изборен законик од опозициските претставници, поради несогласување со укинувањето на пржинската влада.
– Тие го кажаа тоа, тоа е нивна одлука и јас тука не можам да се мешам. Тие не дојдоа на лидерската средба. На следните избори ќе има техничка влада. Тоа е нашиот предлог и тие ќе победат и веќе на следните избори по нив, кога ќе бидеме ние опозиција, ќе важи за нас. Не гледам како би имало застој во кој било реформски процес. Ние сме фокусирани на развојот на државата, на реформи, на проекти како овој, а некои се закочени богами и со децении. Ние не можеме да се занимаваме со политичкото мочуриште на опозицијата – рече премиерот.












