понеделник, јуни 8, 2026
Дома БАЛКАН Бункерите во Бугарија во фаза на проверка

Бункерите во Бугарија во фаза на проверка

462

Поради ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, властите во Бугарија се во состојба на висока готовност, дотаму што регионалниот гувернер на Варна побарал информации за бројот и состојбата на воените засолништа во регионот по нападите на САД и Израел врз Иран и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

Локалните медиуми објавуваат дека во земјата има многу засолништа, но прашањето е во каква состојба се. Според нив, бункерот во населбата Лозенец во Софија последен пат бил користен за време на Втората светска војна.

Најголемото атомско засолниште во Бугарија е метрото на главниот град. Има повеќе од 50 километри тунели.

Според податоците на противпожарната служба, во земјата има 247 засолништа од бомби кои се во состојба што им овозможува да се користат. Од нив, 18 се во добра техничка состојба и можат веднаш да се користат. Останатите 229 се во задоволителна состојба и можат да се стават во готовност во рок од една недела.

Инаку, грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас во петокот објави дека Грција преместува една батерија со „Патриот“ систем во северниот дел од земјата за да обезбеди ракетна одбрана за голем дел од бугарската територија.

Дендиас додаде дека на состанокот на Националниот совет за одбрана, исто така, е одлучено да се префрлат два авиони Ф-16 на аеродром во северна Грција со единствена задача да ѝ обезбедат на Бугарија дополнителна воздушна заштита, објави „Катимерини“.

Дополнително, двајца високи офицери на грчките воздухопловни сили ќе бидат испратени во Оперативен центар на бугарските вооружени сили во Софија, се вели во него.

– Вчера и денес бев во контакт со бугарскиот министер за одбрана Атанас Запријанов. По вчерашното барање од бугарска страна, денес го информирав министерот дека Грција ќе обезбеди средства и персонал за заштита на Бугарија – рече Дендиас во петокот.

Тој додаде дека овие чекори се преземени на барање на Бугарија, која е членка на НАТО и Европската Унија, и дека тие воопшто нема да влијаат на антибалистичката заштита на грчката територија. Дендиас, исто така, рече дека ќе ја посети Софија следната недела, на покана на неговиот бугарски колега.

ИЗДВОЕНИ