Бугарските власти вратија пратка од 11,6 тони пиперки со потекло од Македонија, откако лабораториските испитувања утврдиле присуство на пестицидот „форметанат“ над законски дозволените граници.
Пратката влегла во Бугарија преку граничниот премин Златарево и била наменета за трговска фирма од Петрич. Веднаш по пристигнувањето, зеленчукот бил задржан и ставен под забрана за продажба до добивањето на официјалните резултати од анализите.
Откако потврдила лабораторијата дека нивото на пестицидот е над дозволеното, Бугарската агенција за безбедност на храната донела одлука за целосно враќање на пратката во Македонија. Така, пиперките воопшто не биле пуштени во промет на бугарскиот пазар.
Бугарските институции засега не соопштуваат од кој дел на Македонија потекнуваат пиперките. Во официјалното известување е наведена само земјата на потекло – Република Македонија. Не се објавени ниту името на македонскиот производител или извозник, местото каде што биле произведени пиперките, ниту идентитетот на фирмата што ја испратила пратката.
Пратката била откриена во рамките на засилениот надзор што го спроведува Бугарската агенција за безбедност на храната врз увезените овошје и зеленчук од почетокот на август.
До објавувањето на информацијата, биле лабораториски испитани 35 примероци свеж зеленчук. Од нив, 21 биле земени на граничниот премин Златарево, а 14 на Ѓуешево. Вкупно 22 примероци биле од пиперки, а 13 од домати. Проверуваните пратки потекнувале од Македонија, Косово и од Албанија.
Од 3 август, Бугарската агенција за безбедност на храната спроведува и тематски контроли заедно со Комисијата за стоковни берзи и пазари, даночната администрација и Министерството за внатрешни работи. Се вршат проверки на домати, пиперки, праски и лубеници, како на граничните премини така и во внатрешноста на земјата.












