Виктор Вембањама продолжува да ја воодушевува кошаркарската јавност со своите настапи во НБА-лигата. Францускиот центар на Сан Антонио спарс сезонава игра на највисоко ниво, а неговите статистички показатели во одбраната се навистина импресивни. На само 22 години, тој веќе се наметнува како еден од најдоминантните дефанзивци што ги видела лигата. Има просек од 4,1 блокада на натпревар и одбранбен рејтинг од 95,1, предводејќи го Спарс до серија од 12 последователни победи по почетните два порази. Неговата доминација не е ограничена само на одбраната, бидејќи бележи и 28,4 поени и 12 скока на натпревар, со што се наоѓа меѓу најдобрите стрелци и скокачи во НБА.

Во април, стана најмладиот добитник на наградата за најдобар дефанзивец во лигата, а воедно и прв кошаркар што го освоил признанието едногласно, добивајќи ги сите 100 гласа за првото место.

Особено импресивни се неговите бројки кога станува збор за блокадите. Со 687 блокади во досегашната кариера, тој веќе се приближува кон историското друштво на најдобрите 200 играчи во оваа категорија, иако има одиграно само 195 натпревари.

Она што најмногу воодушевува е неговиот просек од 3,52 блокади на натпревар во кариерата, што е најдобар резултат во историјата на НБА. За споредба, легендите како Хаким Олајџувон, Дикембе Мутомбо, Карим Абдул-Џабар и Тим Данкан имаат над 3.000 блокади во кариерата, но ниту еден не може да се приближи до неговиот просек.

Вембањама оваа сезона двапати забележа по осум блокади во период од само пет дена – против Далас на 4 ноември и против Феникс на 9 ноември. Веќе има седум натпревари со најмалку пет блокади, додека сите други кошаркари во лигата заедно имаат девет такви остварувања.

Неговото присуство под кошот создава огромни проблеми за противничките напади. Кога играат против него, ривалите шутираат со 22,6 процентни поени послаба реализација за два поени, додека кај шутовите за три поени нивната успешност е намалена за 4,6 процентни поени.

Со вакви бројки, младиот Французин веќе не е само голема надеж за иднината на кошарката туку и играч што сериозно ја менува дефанзивната слика на НБА-лигата.

ИЗДВОЕНИ