Електронска наплата на патарините, без запирање на возилата и физичко плаќање на наплатните станици, е новиот модел што го разгледува Министерството за транспорт. Според најавите на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, се размислува патарината да се пресметува според поминатите километри, наместо да се плаќа фиксна сума на одредени наплатни пунктови.

Новиот систем би овозможил побрз проток на сообраќајот, пониски трошоци за користење на автопатите, но и поголема безбедност, преку намалување на ризикот од сообраќајни незгоди кај наплатните станици. За подготовка на законското решение ќе биде побарана и експертска помош од Европската транспортна заедница, со цел да се искористат искуствата на поразвиените европски држави.

Николоски информираше дека за оваа тема разговарал и со новиот претседател на Европската транспортна заедница, кој деновиве престојуваше во Скопје. Целта е домашни и европски експерти заеднички да работат на подготовката на законската рамка.

– Нашата идеја е да се наплаќа од километар, што ќе биде многу поправедно од ова сега, затоа што сега теоретски, ако тргнете од Демир Капија и одите во Гевгелија, плаќате 100 денари на наплатната кај Смоквица, а ако тргнете од Скопје кон Гевгелија, на истата наплатна повторно плаќате 100 денари. За жителите на Демир Капија тоа е нечесно и неправедно – изјави Николоски.

Тој очекува во текот на декември да биде презентирано законското решение, по што би следувале понатамошните активности за воведување на новиот модел.

Првично, електронската наплата би се применувала на автопатот Кичево – Охрид, кој, според најавите на министерот, се очекува целосно да биде пуштен во употреба во мај. Во наредните неколку недели треба да биде пуштен и најтешкиот дел од трасата, кој опфаќа четири галерии, повеќе мостови и вијадукти, како и најдолгите тунели. Планот е новиот систем постепено да се прошири и на другите автопатски делници што се во изградба, меѓу кои Прилеп – Битола, Букојчани – Гостивар, Гостивар – Тетово и Кичево – Букојчани.

Со евентуалното воведување на електронската наплата, Македонија би се приклучила кон европскиот тренд на модернизација на патната инфраструктура, а начинот на пресметување на патарините би се променил од наплата по наплатен пункт во наплата според реално поминатото растојание.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ