Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска -Трајкоска, денеска одржа работен координативен состанок со раководителите на општинските сектори, посветен на креирањето на Буџетот за 2027 година. Од Општината информираат дека главниот фокус на средбата бил на тоа, сите досега собрани потреби, идеи и приоритети од жителите, заедно со проектите од нејзината програма, да се обликуваат во конкретни, реални и одржливи капитални проекти и програми за наредната година.
-Овој работен состанок следи по повеќемесечните активности на терен и отворената комуникација со жителите, чии идеи се основа за новиот буџет. Во изминатиот период беше реализиран интензивен циклус на теренски посети во сите месни и урбани заедници, каде што на лице место се мапираа реалните проблеми. Паралелно со тоа, градоначалничката Стаменкоска – Трајкоска одржуваше и секојдневни директни средби со граѓаните, разговарајќи за нивните секојдневни предизвици и предлози. Дополнително, преку иницијативата „Вашата месна заедница – прва станица за секој проблем!“, општината ја афирмираше улогата на сите 15 месни заедници како институции кои се најблиску до жителите, ставајќи ги на располагање контактите на претседателите и секретарите за секое нивно барање – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму потенцираат дека како важен дел од овој процес, во соработка со Finance Think, под мотото „Предложи, дискутирај, приоритизирај“, се одржале и два отворени буџетски форуми: во Домот на култура во Драчево и во Домот на култура „Билјана Беличанец“.
Овој процес на партиципативно буџетирање се реализираше во рамките на проектот „Граѓански надзор: Премостување на јазот помеѓу политичките ветувања и остварувања во четири развојни области“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas.
Едновремено, граѓаните имаат можност своите предлози и приоритети да ги доставуваат и по електронски пат, што овозможи максимална вклученост на сите жители во одлучувањето за развојот на нивната населба.
-Со денешната координација, општинските сектори, добиваат јасна финансиска и проектна рамка. На овој начин, локалната самоуправа го заокружува отворениот дијалог со жителите, создавајќи развоен буџет за 2027 година кој директно одговара на реалните потреби на секое маало и населба во Кисела Вода – потенцираат од Општината.
При тоа, додаваат дека со денешната координација на општинските сектори започнува финализирањето на буџетскиот документ.












