четврток, октомври 8, 2026
Дома БАЛКАН Бугарија ги повикува Русија и Украина на преговарачка маса во врска со...

Бугарија ги повикува Русија и Украина на преговарачка маса во врска со Црното Море

1

Бугарија предложи преговори меѓу шесте земји што излегуваат на Црното Море за да се постигне договор за мораториум на непријателствата и да се трансформира водениот пат во „зона на заедничка безбедност“.

Земјата предложи разговори во кои би учествувале Русија, Украина, Бугарија, Романија, Грузија и Турција, по петчасовниот состанок на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност (КСНБ), објави бугарскиот портал „EUalive“.

Предлогот предвидува Софија да помогне во посредувањето за договор во кој ќе биде вклучена и Русија, со оглед на тоа што Црното Море стана средина со сè поизразени „безбедносни ризици“.

Бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека нејзината земја треба да преземе активна улога во решавањето на прашањата и во постигнувањето консензус меѓу земјите од црноморскиот регион.

„Прашањето за Црното Море – вклучувајќи ги ризиците, заканите и безбедносните решенија – треба да се претстави на сите европски форуми на кои учествува Бугарија, а најважно од сè, на претстојниот самит на ЕУ на 16 октомври“, рече таа.

Состанокот на КСНБ беше свикан по големата спасувачка операција започната во вторникот, откако во координирани напади – со употреба на поморски и воздушни дронови – беа погодени два трговски брода на околу 70 наутички милји од Бјала, источно од ’Рт Свети Атанас. Ова беше опишано како прв напад врз бродови во рамките на бугарската ексклузивна економска зона, иако потеклото на дроновите не е утврдено.

Премиерот Румен Радев инсистираше на тоа дека Бугарија не може да ја обвини Русија без докази.

„Не можеме да тврдиме дека нападот е извршен од Русија без докази. Тоа е хипотеза, а кога станува збор за националната безбедност, не можеме да дејствуваме врз основа на хипотези“, рече тој за време на состанокот, како што пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ