Хрватска го поддржува пристапувањето на Црна Гора кон Европската Унија и активно ѝ помага на тој пат веќе 14 години, но сака да реши осум отворени прашања со Подгорица, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Шкабрња, коментирајќи ги односите меѓу двете земји и изјавите на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ дадени во Охрид.
Од осумте отворени прашања, шест се однесуваат на вредностите од преговарачкото поглавје 23, а две на надворешната, безбедносната и одбранбената политика и добрососедските односи. Меѓу нив се: статусот на спомен-плочата во поранешниот логор Морињ и обесштетувањето на затворениците, преименувањето на базенот во Котор (кој го носеше името на Зоран Гопчевиќ), информациите за 14 исчезнати хрватски државјани од 1991 година, процесуирањето на воените злосторства, како и обесштетувањето на хрватските семејства кои останале без имот во Црна Гора.
Пленковиќ го поздрави договорот за обесштетување на 317 хрватски затвореници од логорот Морињ вреден 18 милиони евра (од кои 260 се живи, а за семејствата на починатите се предвидени по 50.000 евра). Останатите две прашања се однесуваат на враќањето на школскиот брод „Јадран“ и на утврдувањето на копнената граница.
Тој оцени дека копнената граница е најчувствителното прашање и порача дека Загреб предлага прво да се потврди поранешната републичка граница како државна – согласно принципите на Бадинтеровата комисија – а разграничувањето на морето да се остави за подоцна.
„Доколку црногорските власти денес го доведат во прашање принципот според кој поранешната републичка граница стана државна граница, ние тоа не можеме да го протолкуваме поинаку освен како потенцијални претензии кон хрватската територија“, предупреди Пленковиќ.
Отфрлајќи ги тврдењата дека Хрватска го попречува европскиот пат на Црна Гора, Пленковиќ потсети дека Загреб го поддржал отворањето на сите поглавја и затворањето на повеќе од 20 од нив, ѝ го отстапил преводот на правните тековини на ЕУ (acquis) и го поддржал нејзиното членство во НАТО.
Тој додаде дека сегашното црногорско раководство не е лично одговорно за минатото, но мора да се зафати со решавање на овие прашања.
„Верувам дека овие прашања можат да се решат. Ќе биде потребна малку политичка волја од црногорска страна за да се расчистат сите овие прашања – кои, според мене, се сосема легитимни и оправдани“, заклучи Пленковиќ.












