– На овој дел ќе бидат изградени четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека. Ова е исправање на една долгогодишна неправда кон граѓаните. Предолго овој булевар беше симбол на застојот. Осумстотини и педесетте метри од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево беа 850 метри нервоза, прав, оштетени возила, загубени часови и скршени надежи. Метежот што го гледаме секојдневно – оди во минатото. Со ова, трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани – информираше скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски
Голготата со булеварот „Борис Трајковски“, конечно, ќе заврши. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, според кого се работи за еден од најзначајните инфраструктурни проекти, објави дека Град Скопје веќе објавил јавна набавка и дека по завршувањето на законската постапка, се очекува да започнат градежните работи за околу 40 дена. Тој информираше дека станува збор за траса на оваа сообраќајница од потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, во должина од 850 метри.
-На овој дел ќе бидат изградени четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека. Ова е исправање на една долгогодишна неправда кон граѓаните. Предолго овој булевар беше симбол на застојот. Осумстотини и педесетте метри од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево беа 850 метри нервоза, прав, оштетени возила, загубени часови и скршени надежи. Метежот што го гледаме секојдневно – оди во минатото. Со ова, трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани – информираше Ѓорѓиевски.
Според него, реализацијата на овој проект ќе значи побрз проток на сообраќајот наместо часови застој, безбедност наместо ризик и ред наместо импровизација.
Надлежните апелираат за трпение во текот на градежните активности, нагласувајќи дека привременото отежнување ќе донесе долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Рокот за изведба е до крајот на календарскава година.
Претходно, Ѓорѓиевски најави забрзано спроведување на експропријацијата покрај трасата на овој дел од булеварот, откако бил постигнат договор со стопанствениците.
– Со тоа, конечно, се отвора патот за реализација на овој долгоочекуван, но премногу пати неисполнет проект. Овој булевар е еден од моите најзначајни приоритети, покрај другите капитални инфраструктурни зафати во градот. Предолго беше заглавен од моите претходници, претворен во вистинска голгота за илјадници граѓани. Тоа време завршува – порача Ѓорѓиевски по состанокот на кој беше постигнат договорот.
Булеварот „Борис Трајковски“ е една од главните сообраќајници во Кисела Вода, со почеток од „Рампа“, па сè до Драчево, а неговото проширување го започна ексградоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, уште во 2011 година. Последната посериозна активност на овој проект беше во 2015 година, кога започна третата фаза, но оттогаш, па сè до денес, последната четврта фаза, која предвидува проширување на последните 850 метри од булеварот, остана заглавена.
(А. П.)












