Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром бара лица за вршење јавни работи, односно за одржување на јавната чистота (чистење јавни површини, празнење канти за отпад, собирање лисја и гранки и слично), за одржување на зелените површини и на парковите (косење трева и хортикултурни активности), како и за одржување на улиците, пешачките патеки и на тротоарите.
Веќе е објавен јавен оглас на кој може да се пријават сите евидентирани невработени лица, социјално загрозени лица и пензионери што сакаат да се вклучат во активностите од јавен интерес на територијата на Општина Аеродром.
– Заинтересираните кандидати треба да пополнат и да поднесат пријава во aрхивата на Јавното претпријатие во просториите на Општина Аеродром. Образецот може да се подигне во просториите на Општината или да се преземе електронски од официјалната веб-страница на следниов линк: http://aerodrom.gov.mk/vest/9540 – соопштија од локалната самоуправа.
Повеќе информации може да се добијат и на телефонскиот број 072 270 886.
– Општина Аеродром продолжува со унапредувањето на јавната хигиена, одржувањето на зеленилото и со создавањето поквалитетна, почиста и поуредена животна средина за сите граѓани – нагласуваат општинските власти.












