По изборната победа, важно е да се нагласи дека изборниот процес сè уште трае и дека мора да се обезбеди секој мандат, со цел идната влада да биде постабилна и посилна – изјавија студентите кои учествуваат во блокадата во Белград.
Признавањето на поразот од страна на режимот што заминува не ги заменува правните и институционалните процедури. Не е наша улога да им судиме на оние што ги прекршиле човековите права и ги заробиле државните институции; тоа е задача на самите институции – институции што ние ќе ги ослободиме штом ќе се формира новата влада, изјавија студентите.
Тие нагласија дека оваа победа не го означува крајот, туку почетокот на еден долг процес на национална обнова, и дека секој што ќе биде прогласен за виновен ќе одговара пред законот.
„Оној што не му нанел зло на соседот, нема од што да се плаши. Оние, пак, што ѝ нанеле зло на државата и на нашето општество, ќе се соочат со институционална одговорност откако ќе се формира владата и нашите кандидати ќе положат заклетва во Народното собрание“, порачаа тие.
Студентите покажаа разбирање за еуфоријата, нетрпеливоста и наталожениот гнев кај граѓаните, како и за нивното очекување дека правдата ќе биде задоволена. Тие додадоа дека новите пратеници ќе се залагаат за граѓаните и дека очекуваат државните институции конечно да почнат да ги извршуваат своите должности.
Исто така, предупредија дека режимот што заминува може да се обиде да ги прикаже во негативно светло преку провокации и предизвикување инциденти, но потврдија дека нема да се откажат од својата ненасилна борба.
„Од суштинско значење е да се задржат зрелоста и достоинството што ги негува нашето движење низ целата земја“, изјавија студентите, заблагодарувајќи им се на граѓаните за довербата, трпението и достоинството што ги покажаа во текот на борбата. „Сакаме да ги видиме вашите насмеани лица – и во Пионирскиот парк, и во секое маало – бидејќи знаеме колку вие, исто како и ние, придонесовте за оваа победа“, наведоа студентите во објава потпишана како „Студентска листа – Студентите победуваат“.












