Камионџиите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора најавуваат целосен прекин на товарниот сообраќај и блокада на граничните премини кон Европската Унија од 14 септември, доколку во меѓувреме не се најде решение за проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Превозниците од регионот веќе подолг период предупредуваат на последиците од примената на правилото „90 дена во 180 дена“, со кое на државјаните на земјите надвор од ЕУ им се ограничува престојот во Шенген-зоната.

Од превозничкиот сектор во регионот најавуваат координирана акција, при што блокадата на граничниот премин во Србија веќе е потврдена, а кон иницијативата се приклучуваат и превозниците од Македонија, БиХ и Црна Гора.

Во меѓувреме, Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ упати важно известување до своите членови во врска со најавениот протест. Од асоцијацијата информираат дека во Вибер-групите формирани од регионалните координатори до превозниците е доставена онлајн апликација за согласност за учество во протестот.

Апликацијата треба да биде пополнета најдоцна до 8 септември 2026 година, а податоците директно се доставуваат на електронската адреса на асоцијацијата. Од „Макам-транс“ нагласуваат дека пополнувањето на апликацијата е задолжително, бидејќи, како што наведуваат, таа претставува доказ за учество во протестот доколку истиот биде одржан, но и основа за утврдување на репрезентативен дел од превозниците.

Во известувањето се повикуваат и на член 7 од Законот за јавните собири, кој предвидува одговорност на организаторот за евентуална штета настаната при одржување на јавен собир. Од асоцијацијата појаснуваат дека со пополнувањето на согласноста превозниците се информираат и за прашањето на одговорноста во случај на евентуална штета, особено доколку поради протестот би настанале последици врз стоки од интерес за граѓаните или би биле доведени во прашање меѓународни договори и обврски.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ