Каталог на минерални суровини, нови геолошки истражувања, критични минерали, современи лаборатории, но и македонскиот рубин – ова се дел од работите што треба посериозно да се направат ако Македонија сака да види што навистина крие под својата земја и тоа богатство еден ден да го претвори во вистински економски потенцијал.
Еден од првите чекори ќе биде почнувањето на процесот за изработка на Каталог на минерални суровини на Република Македонија, заедно со мапа на геолошките истражувања. На прв поглед можеби звучи како стручна работа што не го засега обичниот човек, но токму ваквата евиденција треба да покаже со какви природни богатства располагаме и каде се наоѓаат. Со други зборови – да не копаме на слепо и да не откриваме топла вода, туку да знаеме што ни лежи под нозете.
– Македонија има минерален потенцијал кој мора да го познаваме, научно да го истражиме и одговорно да го ставиме во функција на економскиот развој. Не можеме да зборуваме за современо рударство без наука, технологија и силни институции. Затоа го поврзуваме Министерството со универзитетите и создаваме услови знаењето да стане двигател на развојот – порача од Штип министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Во оваа приказна штипскиот универзитет сака да има многу посериозна улога. Ректорот проф. д-р Дејан Мираковски посочи дека универзитетот располага со сериозни просторни и научни капацитети кои можат да бидат ставени во служба на државата и граѓаните.
– Универзитетот регионално располага со еден од најдобрите лабораториски центри во оваа сфера и има големо научно искуство. Науката мора активно да учествува во сите промени, енергетската транзиција и справувањето со климатските промени. Со брзи, ефикасни и прецизни решенија, со поддршка од државните институции и индустријата, можеме да го подобриме квалитетот на животот и поефикасно да ги искористиме ресурсите со кои располагаме – истакна Мираковски.
Било разговарано за можноста Министерството и УГД заеднички да подготвуваат и аплицираат до европските фондови за добивање сдрества за проекти од научни истражувања и нови технологии, па сè до заштита на животната средина, зелена транзиција и одржливо користење на природните ресурси.
Посебно место во разговорите добил и македонскиот рубин. Каменот по кој Македонија е препознатлива и кој не е само убав минерал за накит, туку и дел од природното и геолошкото богатство на земјата. Идејата е УГД да се вклучи во неговото истражување, заштита и промоција. Со помош на науката, рубинот може да добие уште поголемо значење – не само како природно наследство што треба да се чува, туку и како дел од приказната со која Македонија може да се претставува пред светот.
– Критичните минерали се иднината на современата индустрија, енергетиката и зелената транзиција. Ако сакаме Македонија да биде дел од новите европски синџири на вредност, мора да инвестираме во истражувања, лаборатории, кадар и технологии. Ова е долгорочна инвестиција во економската и ресурсната сигурност на државата – нагласи Божиновска.












