среда, октомври 28, 2026
Дома БАЛКАН Хрватска воведува забрана за енергетски пијалаци за лица помлади од 18 години

Хрватска воведува забрана за енергетски пијалаци за лица помлади од 18 години

44

Хрватска подготвува нова законска регулатива чија цел е целосно да се забрани купувањето и консумирањето на енергетски пијалаци од лица помлади од 18 години. Предлог-законот моментално е во процедурална фаза, а се очекува да биде доставен до Владата до крајот на годината.

Преку Законот за ограничување на употребата на енергетски пијалаци и слични производи, Министерството за здравство има за цел да обезбеди дополнителна заштита за децата и младите од штетните последици од консумирањето на овие пијалаци.

По воведувањето на забраната за продажба на енергетски пијалаци на малолетници во продавниците за малопродажба во јуни оваа година, сега се планираат дополнителни ограничувања. Со измените на Законот за угостителска дејност се предвидува и забрана за послужување на вакви пијалаци на малолетници во кафулиња и ресторани.

Овој законски предлог моментално е во фаза на второ читање.

„Енергетските пијалаци не се безопасни, а нивното влијание може да биде поизразено кај децата и младите, чии организми сè уште се во развој. Затоа, оваа законска регулатива оди подалеку од обичните предупредувања на амбалажата. Tаа го зема предвид и составот на производите, како и нивното влијание врз организмот на децата“, изјави хрватската министерка за здравство, Ирена Хрстиќ.

Истражувањата на Хрватскиот завод за јавно здравје (HZJZ) покажуваат дека консумирањето на енергетски пијалаци е широко распространето меѓу учениците. Некои малолетници дневно консумираат 750 милилитри или повеќе од овие пијалаци.

Кофеинот, стимулансите и високите концентрации на шеќер можат да предизвикаат сериозни нарушувања на циркулаторниот и нервниот систем кај децата, пренесува Tportal. Според предлог-законот, како енергетски пијалаци ќе се дефинираат пијалаците што содржат повеќе од 150 милиграми кофеин по литар, со исклучок на кафето, чајот и производите на база на какао.

Предлогот вклучува и ограничувања за рекламирањето на енергетските пијалаци, при што се забранува секаков маркетинг насочен кон малолетници. Исто така, ќе биде забранета нивна промоција во училиштата, а училиштата ќе имаат обврска да спроведуваат превентивни програми за да ги предупредат учениците за штетните ефекти од овие производи.

Хрватскиот завод за јавно здравје (HZJZ) ќе има централна улога во надзорот на пазарот и ќе води официјален регистар на сите енергетски пијалаци и слични производи. Регистрацијата ќе биде задолжителна за сите производители на вакви производи на хрватскиот пазар. Се очекува нацрт-законот да влезе во владината законодавна постапка до крајот на годината.

ИЗДВОЕНИ