Војната со Иран веќе предизвикува сериозно нарушување на енергетскиот пазар, што директно ќе се одрази врз џебот на патниците низ светот, преку зголемување на цените на авионските билети. Цената на суровата нафта нагло порасна по нападите на САД и на Израел врз Иран, надминувајќи 100 долари за барел првпат во речиси четири години.
Извршниот директор на американската авиокомпанија „Јунајтед ерлајнс“, Скот Кирби, вели дека влијанието на горивото врз финансиските резултати ќе биде значително и, веројатно ,ќе се почувствува брзо. Покрај економските последици, војната предизвика и огромни оперативни проблеми, при што од крајот на февруари се откажани речиси 50.000 летови во регионот.
Трошоците за керозин се втората најголема ставка за авиокомпаниите, веднаш по платите на вработените, и учествуваат со 20 до 30 проценти во вкупните расходи. Експертите објаснуваат дека историски гледано, компаниите брзо ги покачуваат цените на билетите кога поскапува горивото, па се очекува тие да растат пропорционално со трошоците.
Сепак, способноста на авиокомпаниите да ги префрлат овие трошоци на патниците ќе зависи од побарувачката. Доколку инфлацијата и невработеноста ги натераат граѓаните да ги скратат плановите за патување ова лето, компаниите ќе имаат ограничен простор за поскапување, без оглед на своите трошоци. Од „Саутвест ерлајнс“ велат дека патниците често купуваат билети однапред, па компанијата не може секогаш навремено да воведе доплата за горивото за да го покрие наглото поскапување.
Високите цени на горивото може да доведат и до кратење на одредени линии што биле профитабилни со поевтина нафта. Намалената понуда на седишта сама по себе е фактор што може дополнително да ги зголеми цените. Некои светски компании, како „Квантас ервејс“, веќе ги покачија цените на билетите, наведувајќи ги трошоците за гориво во текот на војната како главна причина.
За да се заштитат од нестабилноста, дел од компаниите, како германска „Луфтханза“ и ирски „Рајанер“, користат финансиски договори за да ги фиксираат цените на горивото однапред. Други, пак, се фокусираат на модернизацијата на флотата со поекономични авиони или на користењето одржливо авионско гориво, кое во 2025 година претставуваше само мал дел од светската потрошувачка.












