понеделник, август 17, 2026
Дома СКОПСКА Бесплатни униформи за сите ученици од училиштата во Центар 

Бесплатни униформи за сите ученици од училиштата во Центар 

18

Учениците од прво до деветто одделение во училиштата на територијата на Општина Центар и годинава ќе добијат бесплатни униформи.

Секој ученик ќе добие комплет од пет памучни парчиња: две маици со јака, две маици со долги ракави со јака и еден дуксер со патент.

Општина Центар ја воведе оваа мерка минатата година, со цел да се намалат социјалните разлики меѓу учениците и да се создаде училишна средина во која секое дете ќе се чувствува еднакво и прифатено.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека обезбедувањето бесплатни униформи е дел од заложбите на Општината за еднакви услови за сите деца.

– Училиштето треба да биде место каде што ќе се разликуваат децата според знаењето, трудот и успехот, а не по тоа кој што носи и колку може да си дозволат неговите родители. Токму затоа минатата година ја воведовме оваа мерка, а продолжуваме и оваа година. Со бесплатните униформи, сакаме да ги намалиме социјалните разлики, да спречиме тие да бидат причина за поделби или булинг и да го зајакнеме кај децата чувството дека сите подеднакво му припаѓаат на своето училиште – порача Герасимовски.

Општина Центар ќе продолжи со оваа мерка и во наредните учебни години, при што ќе се обезбедуваат бесплатни униформи и за новите генерации ученици.

Покрај бесплатните униформи, Општина Центар и оваа година ќе обезбеди бесплатни ранци за сите првачиња запишани во осумте општински основни училишта, како дополнителна поддршка за семејствата и убав почеток на нивното прво училишно поглавје.

– Со овие мерки, Општина Центар продолжува да инвестира во образование во кое секое дете има еднаква можност, еднаков третман и услови непречено да им се посвети на учењето и на својот развој – наведуваат од локалната самоуправа.

 

 

ИЗДВОЕНИ