Министерството за финансии воведува построги услови и контроли при издавањето лиценци за приредување игри на среќа. Со новиот Правилник се утврдуваат критериумите и документацијата што треба да ја достават правните и физичките лица што аплицираат за лиценци за казино, обложувалница, автомат-клуб или за томбола од затворен тип.
Во фокусот на новите правила се репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата на барателите. Тие ќе треба да докажат со соодветна документација дека ги исполнуваат условите за добра репутација, при што ќе се проверува дали претходно им биле изречени санкции за забрана за вршење професија, забрана за приредување игри на среќа или други мерки релевантни за нивното учество во оваа дејност.
Особено внимание му е посветено на потеклото на средствата што се вложуваат во основната главнина на друштвата. Министерството за финансии ќе врши проверки преку банкарските извештаи, договорите, финансиските биланси и другата релевантна документација, со цел да се обезбеди јасна и непрекината трага на движењето на парите – од нивниот извор до нивното вложување во друштвото.
Контролите нема да се однесуваат само на првичното издавање на лиценцата. Правилникот ги опфаќа и постапките при промена на сопственичката структура, промена на основната главнина, како и при именување на членовите во органите на управување и надзор.
Од Министерството за финансии посочуваат дека новите правила произлегуваат од новиот Закон за игрите на среќа, донесен во јуни годинава. Со Законот, меѓу другото, е воведено оценување на репутацијата на содружниците и соработниците на друштвата што поседуваат лиценци, како и на членовите на органите на управување и надзор.
Со заострувањето на контролите, институциите имаат цел да воспостават поголема транспарентност во секторот на игрите на среќа и да ги намалат ризиците од перење пари и финансирање тероризам.
Новиот Закон за игрите на среќа има цел да воспостави посовремена, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област, додека новиот Правилник претставува еден од подзаконските акти преку кои треба да се применат законските одредби во практика.












