понеделник, август 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Банкарските провизии растат, но за нив нема „црвен аларм“ како за цените...

Банкарските провизии растат, но за нив нема „црвен аларм“ како за цените во маркетите

Додека институциите внимателно ги следат цените во маркетите и најавуваат мерки против поскапувањето, банкарските провизии бележат нов раст. Граѓаните реагираат за високите провизии што ги плаќаат за сметки, картички, трансакции и за дигитални услуги, а најголемите банки продолжуваат да прикажуваат солидни финансиски резултати. И Народната банка реагираше за трендот на зголемување на надоместоците на банките

32

Додека државата реагира на растот на цените во маркетите, ги повикува трговците на состаноци, најавува инспекциски контроли и разговара за ограничување на маржите, банкарските провизии растат. Во последните неколку месеци, граѓаните добиваат низа известувања за промени во тарифите на банките, повеќе отколку во изминатите години, а во исто време најголемите банки во земјава и во првата половина од 2026 година продолжија да остваруваат високи добивки.

На оваа појава укажува економскиот аналитичар Павле Гацов, кој прави споредба со растот на цените во маркетите.

– Цените се менуваат и растат, но се менуваат и цените на банкарските услуги, односно провизиите. Разликата е што кај маркетите институциите реагираат многу поостро, додека кај банките таква реакција речиси и да нема. Нема замрзнување на „маржите“, нема масовни инспекциски контроли, нема јавни повици банките да бидат општествено одговорни, иако станува збор за трошоци што ги плаќаат практично сите граѓани и компании – напиша Гацов на „Фејсбук“.

На зголемувањето на банкарските провизии неодамна реагираше и Народната банка. Гувернерот Трајко Славески порача дека не смета оти е време за зголемување на надоместоците, особено имајќи предвид дека се стабилни приходите на банките, а истовремено посочи дека се разговара и за законско решение со кое би биле бесплатни одредени основни банкарски услуги.

Банкарските провизии одамна не се ограничени само на плаќањето сметки. Граѓаните плаќаат надоместоци за одржување на платежните и на девизните сметки, за различни дигитални услуги, за подигање готовина од банкоматите на други банки, за меѓународни трансфери, за платежни картички и за низа други услуги. Кај дел од банките се зголемуваат и надоместоците за плаќање сметки на шалтер.

– Се зголеми провизијата за плаќање сметки за струја, вода парно… во готово од 90 на 120 денари од трансакција. На прв поглед тоа се само 30 денари, но за некој што секој месец плаќа повеќе сметки, а особено за нас, пензионерите, кои почесто ги користиме шалтерските услуги, зголемувањето е значителен дополнителен годишен трошок – вели за весникот ВЕЧЕР еден пензионер што плаќаше сметки во банка.

Освен за плаќањето сметки, и за трансакциите со платежни картички се плаќаат надоместоци. За граѓаните, плаќањето на каса изгледа едноставно и најчесто нема посебна ставка за провизија, но зад секоја трансакција постои систем на надоместоци меѓу различните учесници – банки, картички, трговци…

Токму државата го посочува безготовинското плаќање како еден од инструментите за намалување на сивата економија. Затоа Гацов предлага да се размислува чекор понатаму: плаќањето со картичка да биде технички поврзано со фискалната сметка.

– Идејата е едноставна: слипот и фискалната сметка да бидат неделиви при секое плаќање. Доколку трговецот има обврска да поседува ПОС-терминал, плаќањето со картичка би можело да се поврзе со претходно издадена фискална сметка, а на слипот да биде наведен и бројот, односно броевите на фискалните сметки за кои се врши плаќањето. Таквото решение би можело да обезбеди дополнителна контрола врз прометот и би го намалило просторот за прикривање на дел од приходите – објаснува Гацов.

Картичката тогаш не би била само инструмент за безготовинско плаќање туку и дел од системот за следење на фискализираниот промет. За државата тоа би значело можност за подобра контрола и поголема наплата на даноците, а за граѓаните и трговците – поголема транспарентност. Идејата ја отвора пошироката дебата за тоа како да се направи платежниот систем поефикасен и поевтин, а истовремено да се намали сивата економија.

Граѓаните коментираат на социјалните мрежи дека никој не спори дека треба да заработуваат банките, но ако државата го анализира пазарот кога растат цените на производите, логично е да се анализира и пазарот на банкарски услуги кога растат провизиите. Особено кога станува збор за услуги што граѓаните не може лесно да ги избегнат.

Преку банките, граѓаните примаат плата или пензија, имаат платежна картичка, кредит, станбен кредит, трајни налози, девизна сметка и други поврзани услуги.

Темата веќе предизвикува реакции и меѓу граѓаните. Дел бараат поголема транспарентност и контрола на банкарските трошоци, дел сметаат дека решението е поголема конкуренција и полесно менување банка, а има и такви што предлагаат целосно нови модели на финансиски услуги, како децентрализирани системи базирани на blockchain, со директни трансакции меѓу граѓаните и компаниите и со помала улога на традиционалните банки како посредници.

– Како што се бара одговорност за цените во маркетите така треба да има и одговор за тоа зашто растат банкарските провизии и дали добиваат граѓаните соодветна услуга за нив. Зашто ако секое плаќање има своја цена, граѓанинот има право да знае колку точно плаќа и зошто – реагираат граѓаните.

Цените растат, провизиите растат, а банкарските услуги не може да се избегнат. Поради тоа, тие стануваат значајна ставка во домашниот буџет и тема за сериозна анализа и институционална дебата.

 

ИЗДВОЕНИ