
На вчерашната конститутивна седница на Собранието на Србија, Александар Вучиќ одржа монолог во траење од 104 минути, но ова не е неговиот најдолг говор.
Во 2016 година, неговото излагањето траеше шест часа без пауза, по што германскиот печат напиша дека тој сака „да биде достоен на својот лик како некој што постојано се труди, се жртвува повеќе од другите и може да издржи повеќе од другите“. На 9 август 2016 година, Александар Вучиќ, како мандатар за составот на новата Влада на Србија, помина дури шест часа зад говорницата на Парламентот, без пауза. Неговата презентација почна околу 14 часот и заврши околу 20 часот.
Сепак, тоа не е единствениот пример за повеќечасовен говор во Народното собрание. На 27 јули годинава, пратеникот Мирослав Алексиќ зборуваше речиси четири часа, односно 234 минути, објаснувајќи го предлогот на опозицијата за гласање недоверба на Владата на Ѓура Мацут.
Сепак, во споредба со некои говори во светската политичка историја, дури и шест часа на говорницата изгледаат релативно кратко. Еден од најпознатите рекорди беше поставен во 2025 година во Сенатот на САД. Сенаторот од Њу Џерси, Кори Букер, го почна својот говор на 31 март во 19 часот, а го заврши дури следната вечер, на 1 април. Неговиот говор траеше неверојатни 25 часа и пет минути, со што се постави нов рекорд за најдолго еднократно обраќање во историјата на Сенатот на САД. Букер зборуваше во знак на протест против политиките на администрацијата на Доналд Трамп, а за време на говорот презентираше примери за проблеми со кои се соочуваат американските граѓани, особено во областите на здравството, социјалната заштита и економијата.
Претходниот рекорд го држеше сенаторот Стром Термонд, кој во 1957 година зборуваше 24 часа и 18 минути, обидувајќи се да го спречи донесувањето на законодавството за граѓански права. Таквата практика е позната како филибастер, парламентарна тактика што се обидува да го одложи или отежни донесувањето одлука преку долга презентација.
Еден од најпознатите маратонски говори се одржа на 26 септември 1960 година, кога кубанскиот лидер Фидел Кастро се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации со говор од 269 минути, или четири часа и 29 минути. Денеска говорите во Генералното собрание се ограничени на 15 минути.
Според Гинисовата книга на рекорди, најдолгиот говорен маратон го одржал Ананта Рам КЦ од Непал. Во Катманду, помеѓу 27 и 31 август 2018 година, тој постигнал резултат од 90 часа и две минути.











