Стотина домаќинства од Чукур Маало во населеното место Трубарево, на територијата на Општина Гази Баба, се соочуваат со сериозен проблем. Иако улицата „30“ требало да биде асфалтирана пред една година, тоа сè уште не се случило. На улицата која била тампонирана сега се формирани дупки, па при секој дожд, жителите мораат да газат во кал и се принудени да облекуваат гумени чизми кога поминуваат по неа. Од Општина Гази Баба молчат и не одговорија на прашањата на весникот ВЕЧЕР зошто толку долго се чека на асфалтирање на оваа улица и кога ќе преземат мерки за нејзино санирање

На само осум километри од центарот на Скопје, стотина домаќинства од Чукур Маало во населеното место Трубарево, на територијата на Општина Гази Баба, се соочуваат со сериозен проблем. Иако улицата „30“ требало да биде асфалтирана пред една година, тоа сè уште не се случило. На улицата која била тампонирана сега се формирани дупки, па при секој дожд, жителите мораат да газат во кал и се принудени да облекуваат гумени чизми кога поминуваат по неа, а по неа се движат и деца и повозрасни.
– Иако поставија фекална канализација на оваа улица, во делот што минува низ нашето маало таа сè уште не е поставена. Улицата почна да се асфалтира во октомври, ноември минатата година. Цврстиот насип или тампон беше тргнат, направија тротоари до некаде, а патот си остана со дупки – реагира жител од Чукур Маало, нагласувајќи дека не знае до кога ќе трае ваквата состојба.
Тој додава дека во посета веќе не им доаѓаат ниту роднините ниту пријателите бидејќи, како што вели, не сакаат да си ги оштетат автомобилите.
Друга жителка на шега вели дека улицата веќе подолго време е „украсена“ со прекрасни дупки, а како што наведува, благодарение на дождот, сега добиле и бесплатен аквапарк. Прават пародии на своја сметка.
– Само уште риби ни недостигаат за да ја прогласиме за езеро. Очигледно, наместо асфалт, добивме нова туристичка атракција. Би било убаво конечно да се сетите дека и ние живееме тука и дека улицата не е само за украс, туку треба да биде проодна. Или можеби чекаме да почнеме со кајчиња до дома? – му се обраќа жителката на градоначалникот на Општина Гази Баба.
Други нагласуваат дека ваква е состојбата во целата скопска околина.
– Ќе ги ископаат улиците и ќе стои така со години, ќе чекаат пред избори да му „замачкаат” очи на народот – револтирани се жителите.
Проектот за реконструкција на оваа улица во Чукур Маало започна во декември минатата година, а оттогаш до денес, на местото се направени само нови пешачки патеки и рабници. Сепак, реконструкцијата предвидува и асфалтирање на целиот коловоз во должина од 611 метри, но очигледно има застој во градежните активности.
Оттогаш до денес, проектот уште не е завршен и улицата речиси една година е оставена без нов асфалт.
Од Општина Гази Баба молчат и не одговорија на прашањата на весникот ВЕЧЕР зошто толку долго се чека на асфалтирање на оваа улица и кога ќе преземат мерки за нејзино санирање.
(А. П.)












