вторник, септември 15, 2026
Дома СВЕТ Руски бизнисмен близок до Кремљ ја платил раскошната прослава на синот на...

Руски бизнисмен близок до Кремљ ја платил раскошната прослава на синот на Доналд Трамп

1
EPA/JIM LO SCALZO

Руски бизнисмен поврзан со Кремљ ги платил прославите по венчавката на најстариот син на претседателот Доналд Трамп и неговата сопруга, потврди брачниот пар во понеделникот. Доналд Трамп помладиот и Бетина Трамп во заеднчичка објава на Инстаграм-профилот на Бетина наведоа дека нивниот „драг пријател“ Умар Кремлев „многу великодушно организирал две неверојатни вечери“ за прослава на Бахамите во мај.

Потврдата уследи откако истражувачкиот портал ProPublica објави дека Кремлев платил стотици илјади долари за организација на прославите.

„Тоа беше исклучително великодушен свадбен подарок од пријател, за што тогаш бевме, а и сè уште сме, неверојатно благодарни“, се наведува во заедничката објава на Бетина и Доналд Трамп помладиот.

Претседателот Трамп не присуствувал на венчавката ниту на прославите, наведувајќи дека морало да остане во Вашингтон поради преговорите за војната со Иран.

Кремлев е на чело на Меѓународната боксерска асоцијација (IBA), со која Меѓународниот олимписки комитет ја прекина соработката по повеќекратните предупредувања за финансиското управување и етичките прашања.

Рускиот претседател Владимир Путин му врачи на Кремлев одликување „Орден на пријателството“ во април 2026 година, се наведува во соопштението на IBA, кое содржеше и фотографија од Путин и Кремлев како се ракуваат.

„За време на церемонијата, рускиот претседател ја пофали отпорноста на IBA во поддршката на спортистите и покрај политичките притисоци“, се наведува во соопштението на IBA.

На веб-страницата на IBA исто така се објавени фотографии од Доналд Трамп помладиот на сцената со Кремлев за време на настан во Истанбул во септември 2025 година.

Објавата на Бетина Трамп на Инстаграм беше проследена со 20 фотографии, меѓу кои и онаа на која младенците се на плажа, како и фотографии од другите деца на Трамп – Ерик Трамп, Иванка Трамп и Тифани Трамп.

„За жал, нешто толку лично и убаво може да биде прикажано како нешто политичко или злокобно само поради тоа кој е некој или од каде доаѓа“, се додава во објавата.

ProPublica објави групна фотографија од свадбата за која тврди дека на неа се гледа врвот од главата на Кремлев.

Според наводите на рускиот истражувачки медиум Проект (Proekt), Кремлев е со потекло од Таџикистан. Работел како боксерски промотор од среден ранг и изградил врски со Федералната служба за заштита (ФСО), чија задача е заштита на високи руски официјални лица.

Проект исто така наведува дека Кремлев е член на проруската мотоциклистичка група „Ноќни волци“, блиска до Кремљ. Членовите на „Ноќни волци“ масовно се упатија кон украинскиот полуостров Крим веднаш откако Русија го анектираше во март 2014 година, а нивни членови исто така се бореа заедно со проруските сепаратисти во источна Украина.

ИЗДВОЕНИ