Скопјани кои го користат базенот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе мора да почекаат околу две години за да ги користат повторно пливачките капацитети. Објектот останува затворен по силното невреме кое го зафати Скопје на 21 јули, кога беше оштетен и покривот на базенот.

Во моментот на невремето, делови од покривната конструкција паднале во внатрешноста на базенот, во близина на пливачките патеки каде што имало посетители. Поради безбедносни причини, веднаш била извршена евакуација на присутните.

Според најавите, веќе е изработена проектната документација, а во наредниот период треба да биде распишана јавна набавка за избор на изведувач. Почетокот на градежните работи се очекува во ноември.

Планот предвидува целосно обновување на објектот, а според проектот, самите градежни активности би траеле меѓу 12 и 18 месеци. Сепак, имајќи ги предвид процедурите за тендер, избор на компанија и склучување договор, реално е базенот да остане недостапен за граѓаните околу две години.

Ова не е првпат објектот да се соочува со проблеми. Базенот последен пат беше реновиран во 2010 година, но во изминатиот период имаше повеќе забелешки за состојбата на инфраструктурата.

Минатата година, по пад на дел од таванската конструкција, од раководството посочија дека проблемите се последица на несоодветно извршени претходни зафати и најавија поширока санација. Тогаш беше поставено заштитно платно на таванот, а интервенцијата траеше околу пет месеци.

За љубителите на пливањето останува долг период на чекање, додека еден од најпознатите спортски објекти во Скопје треба да помине низ голема реконструкција.

 

ИЗДВОЕНИ