четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Азбестните водоводни цевки се менуваат со побезбедни

Азбестните водоводни цевки се менуваат со побезбедни

65

Општина Струга започна со една од најголемите комунални интервенции во последните години, со инвестиција од околу 90 милиони денари за изградба и реконструкција на современ водоводен систем. Градежните активности веќе се одвиваат на терен. Се врши замена на дотраените азбестноцементни цевки со нови, посовремени и здравствено побезбедни материјали. Со оваа интервенција се очекува да се подобри стабилноста на водоснабдувањето и значително да се намалат загубите во водоводната мрежа.

Во рамките на првата фаза од проектот е предвидена реконструкција на околу шест километри водоводна линија. Според надлежните, досега е реализиран повеќе од половина од планираниот обем на работа, а завршувањето на оваа фаза се очекува пред почетокот на летната сезона, кога, традиционално, се зголемува потрошувачката на вода поради туристичката активност и поголемиот број посетители.

Проектот има цел да реши два значајни предизвици: замена на застарената инфраструктура што носи потенцијални здравствени ризици и намалување на техничките загуби во системот, кои ја прават мрежата поскапа и помалку ефикасна во периодите на зголемена потрошувачка.

Од Општината нагласуваат дека стабилниот водоводен систем претставува клучна инфраструктура за град што се потпира на домаќинствата, услужниот сектор и на туризмот.

Паралелно со активностите на водоводната мрежа, се следи и динамиката на градежните работи за колекторскиот систем на делницата Радожда – Елен Камен. Овој проект е дел од пошироките напори за заштита на Охридското Езеро и за намалување на ризиците од загадување.

Во тој контекст, надлежните информираат дека веќе постапуваат институциите и во врска со неодамнешните проблеми со заматување на водата и пријавените нелегални активности во близина на извориштата, со порака дека мора да има одговорност за ваквите појави.

 

ИЗДВОЕНИ