Како што пренесуваат српските медиуми, „8 Март“ е најавен како горчлива, црна и антиимперијалистичка комедија што преку црн хумор и општествена сатира ги обработува темите на културниот империјализам, моќта, идентитетот и положбата на жената и го сумира сето она што го очекува публиката од Драгојевиќ: бескомпромисна анализа на општествените девијации преку комбинација на трагичниот хумор и бруталната искреност

 

Дел од новиот филм „8 Март“ на познатиот српски режисер и сценарист Срѓан Драгојевиќ ќе се снима во Скопје, а веќе почна и потрагата по статисти за сцените со студентски протести. Драгојевиќ е автор на култните филмови „Ние не сме ангели“, „Убавите села убаво горат“, „Рани“, „Парада“, „Свети Ѓорѓи го убива змејот“ и други. Сценариото за новиот филм е инспирирано од истоимениот расказ на македонската писателка и регионална книжевна ѕвезда, Румена Бужаровска, која е и косценаристка на проектот. Станува збор за копродукција меѓу Србија, Романија, Бугарија, Германија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Македонија.

Како што пренесуваат српските медиуми, „8 Март“ е најавен како горчлива, црна и антиимперијалистичка комедија што преку црн хумор и општествена сатира ги обработува темите на културниот империјализам, моќта, идентитетот и положбата на жената и го сумира сето она што го очекува публиката од Драгојевиќ: бескомпромисна анализа на општествените девијации преку комбинација на трагичниот хумор и бруталната искреност.

Главен лик е Весна, професорка по антропологија во педесеттите години, која се наоѓа во период на лична и професионална криза, заглавена во рутина без перспектива. Нејзиниот ден е исполнет со предавања во полупразни амфитеатри, студентски протести што младите ги сфаќаат посериозно од неа и колеги што ја третираат како непријатен додаток на мебелот. Нејзиниот син, Војкан, е студент, но тој поминува повеќе време во светот на дигиталните платформи отколку на универзитетот, додека нејзиниот поранешен сопруг, Љуба, одамна основал ново семејство. Кога случајно добива можност да им се обрати на студентите на протест, нејзиниот настап станува вирален и нејзиниот монотон живот одеднаш се менува. Сепак, она што го гледаат младите како забавна анархија, нејзините колеги и поранешниот сопруг го гледаат како срам. Во средината на хаосот, таа добива неочекувана покана: сопругата на американскиот амбасадор ја поканува на ексклузивен прием по повод 8 Март, во друштво на „влијателни жени“ од Балканот…

Токму приемот станува централно место за критика на културниот империјализам. Весна и другите гости се претставени како дел од однапред режирана слика за „моќни жени“, во која западните вредности и естетика се наметнуваат како универзален модел на успех.

Драгојевиќ визуелно и структурно го споредува филмот со култната комедија „Забавата“ на Блејк Едвардс од 1968 година, но на приказната ѝ го додава препознатливиот балкански сензибилитет. Хаосот што постепено се создава на приемот станува метафора за уривањето на наметнатите идентитети. Весна, пак, како антихерој, ја разобличува перформативноста на моќта, покажувајќи дека овие „моќни жени“ се, всушност, марионети во туѓа претстава.

Главната улога во филмот ја толкува Ксенија Маринковиќ, а во актерската екипа се и Бојана Новаковиќ, Нада Шаргин, Христина Поповиќ и Тони Михајловски. Директорка на фотографија е Татјана Крстевски, позната по работата на филмовите „Товарот“ и „Дубина два“, продуцент на филмот е Билјана Првановиќ од „Делириум филмс“ од Србија, а меѓу малцинските копродуценти е и македонската продуцентка Елена Станишева од „ВЕДА Филм продакшнс“. Во проектот учествуваат продуценти од сите осум земји, додека Мајк Дауни е соработник на продуцентот.

Како што посочи и самиот автор, филмот бил одбиен од некои европски фондови со образложение дека „не може средовечен стреит маж да прави филм за жени“. Во филмот има дури 21 женски лик и два машки лика.

Инаку, за кастингот и за обезбедувањето статисти во Скопје е ангажирана „Гужва кастинг агенција“, првиот кастинг- колектив во Македонија, основан во 2006 година во Скопје, кој работи на домашни и на меѓународни филмски, телевизиски и рекламни проекти.

Снимањето во Скопје ќе се одвива од 23 до 31 август, а за главниот сет на сцени со студентски протести се бараат млади на возраст од 18 до 25 години. (Д. Т.)

Легенда: „Ние не сме ангели“

ИЗДВОЕНИ