Македонската филхармонија,  на 12 ноември, со почеток во 20 часот, ќе го одржи концертот „Ехо“, на кој како солист ќе настапи извонредниот грузиски пијанист, Давид Хрикули. Диригент е францускиот маестро Сами Рашид.

На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахмањинов и Симфонијата бр. 4 во Ес-дур од Антон Брукнер.

Роден во Грузија во 2001 година, Хрикули важи за еден од најперспективните млади пијанисти на светската музичка сцена. Студира на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во Мадрид, во класата на Станислав Јуденич.

Особено внимание привлече со својот настап како финалист на Меѓународниот пијано-натпревар „Шопен“ во 2025 година. Добитник е на бројни меѓународни награди, меѓу кои првите награди на натпреварите во Канту и Виго.

Како солист, настапувал со реномирани оркестри, меѓу кои Грузиската филхармонија, Израелската филхармонија и Московската филхармонија, а концертирал низ Европа.

Диригентот Сами Рашид, пак, за сезоната 2025/26, ја започнува својата трета година како асистент-диригент на Бостонскиот симфониски оркестар, под водство на Андрис Нелсонс. Неговата кариера е обележана со настапи со значајни светски оркестри и соработки со истакнати солисти, меѓу кои Мидори, Рене Флеминг и Пабло Ферандец.

Концертот „Ехо“ носи средба со врвни музички дела и млади уметници чија кариера сè повеќе го привлекува вниманието на светската публика.

ИЗДВОЕНИ