Македонската кинематографија во последните години постигнува исклучителни резултати на меѓународната филмска сцена. Нејзините автори освојуваат престижни фестивалски награди, нивните филмови добиваат меѓународни признанија и номинации, а одредени остварувања стигнуваат до најзначајните светски дистрибутери и публика. Сепак, и покрај овие успеси, македонскиот филм во Србија сè уште е недоволно присутен и познат на пошироката публика.
Во тој контекст, од 12 до 14 ноември, во Установата за култура „Пароброд“ во Белград, ќе се одржи 2. Ревија на македонскиот филм во Србија, која носи избор на играни, документарни и краткометражни филмови, средби со филмски автори, мастер-клас и придружна музичка програма.
Во центарот на годинашната ревија е документарецот „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, остварување кое стана еден од најзначајните меѓународни успеси на современата македонска кинематографија. Публиката ќе има можност да го погледне на 14 ноември, да се сретне со Котевска и да разговара за нејзиното творештво и меѓународниот пат на нејзините филмски остварувања.
На програмата, на 12 ноември е „Исцелител“, игран филм на режисерот Ѓорче Ставрески, црна комедија со елементи на општествена сатира. Светската премиера ја имаше на фестивалот „Црни ноќи“ во Талин, по што беше прикажан на повеќе од 90 фестивали, освои низа меѓународни признанија и беше македонски кандидат за Оскар. По проекцијата, публиката ќе има можност да разговара со режисерот. Ставрески, пак, на 13 ноември, ќе одржи мастер-клас „Филмската тензија во процесот на создавање филм“, посветен на еден од клучните елементи на филмското раскажување и авторскиот процес.
Вториот игран наслов е „Балканот не е мртов“, историска драма на режисерот Александар Поповски, со Никола Ристановски во главната улога, кој публиката ќе може да го види во вечерните часови на 13 ноември. Според сценариото на Дејан Дуковски, со музика на Кирил Џајковски, филмот ги следи судбините на македонско семејство од Битола на преминот од 19 во 20 век, преплетувајќи ги нивните животи со приказната за патувањето со Ориент експрес.
Посебно место во програмата зазема блокот од четири краткометражни филмови: „Награда“ на Лидија Мојсовска, „Да се чува планината“ на Изер Алиу, „Пепи и Муто“ на Ѓорѓи Унковски и „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески. Четири различни авторски ракописи, четири света и четири приказни кои во кратка форма го постигнуваат она што често е најтешко во филмот – силно, прецизно и без непотребни објаснувања да ја погодат суштината. Овие филмови отвораат прашања за идентитетот, меѓучовечките односи, семејните очекувања, растењето и општествените норми.
Програмата ќе биде збогатена и со проекции на архивски филмски журнали, кои нудат дополнителен поглед кон филмската и културната историја на Македонија, од кои некои никогаш досега не биле прикажани пред пошироката јавност. Ревијата ќе биде затворена на 14 ноември, со музичка програма во изведба на џез-трио, со избор на филмска музика и композиции инспирирани од музичкото наследство на македонското поднебје. Влезот за сите програми е бесплатен.












