среда, ноември 11, 2026
Дома СВЕТ Иранската војска се пополнува со жени спремни да го жртвуваат животот: Отворен...

Иранската војска се пополнува со жени спремни да го жртвуваат животот: Отворен прв камп за обука на волонтерки

1

Фотографиите и видеата што се проширија на социјалните медиуми покажуваат жени со автоматски пушки, во облека што го покрива телото, како се спуштат по ѕидови со јажиња и изведуваат други вежби. Иранските власти велат дека целта на обуката е да се подготват волонтери за одбрана на земјата во случај на евентуален копнен напад од САД

 

Иран го отвори својот прв воен камп исклучиво за жени на плоштадот Азади во Техеран, како дел од националната кампања што вклучува воена обука, итна помош и логистичка поддршка. Во Техеран се планирани центри на уште најмалку 14 локации во градот, а ќе се отвораат и во другите градови. Обуката ја спроведуваат милицијата Басиџ, Иранската револуционерна гарда и редовната војска.

Десетици жени волонтери, познати како „џан-фада“, што на персиски значи „оние што го жртвуваат својот живот“, учествуваат во воените вежби, објави „Ал Џезира“. Фотографиите и видеата што се проширија на социјалните медиуми покажуваат жени со автоматски пушки, во облека што го покрива телото, како се спуштат со јажиња по ѕидови и изведуваат други вежби. Иранските власти велат дека целта на обуката е да се подготват волонтери за одбрана на земјата во случај на евентуален копнен напад од САД. Според организаторите, курсевите опфаќаат урбана одбрана, запознавање со различни оружја, од „калашникови“ до снајпери „драгунов“, како и лансери РПГ и преносни системи за воздушна одбрана. Програмата вклучува и обука за спасување, гаснење пожар и ориентација, специјално прилагодена за жени.

И пред ова, порано оваа година, илјадници жени и девојки учествуваа на митинг наречен „Ќерки посветени на Иран“, што се одржа во центарот на Техеран. Според извештајот на иранската државна телевизија Прес ТВ, учесничките се заколнале на верност на новиот Врховен водач на Исламската револуција и ја изразиле својата подготвеност да ја бранат земјата. Собирот бил организиран по повод Денот на девојките во Иран и годишнината од раѓањето на ќерката на пророкот Мухамед.

Иран, всушност, врши масовна мобилизација, откако САД и Израел почнаа со нападите. Портпаролот на кампањата, Сасан Заре, вели дека повеќе од 500.000 луѓе се пријавиле за само 100 минути по отворањето на регистрацијата за баталјоните „национален отпор“, при што жените биле најбројни меѓу волонтерите. Со тоа се пополниле првите 1.000 единици, а потоа е одобрено формирање на уште 1.000 единици. Планирани се и 10.000 единици за помош и спасување во соседството, во координација со Црвената полумесечина.

Заре тврди дека странци, меѓу нив и американски државјани, се понудиле да се борат рамо до рамо со Иранците, а во еден случај, 80-годишна жена се пријавила како доброволец во еден центар во Техеран, пишува „Телеграф“. Официјалните претставници ја претставија оваа кампања како оживување на „армијата од 20 милиони“, која ајатолахот Рухолах Хомеини ја иницираше по инвазијата на Ирак во 1980 година, кога жените одиграа значајна улога во поддршката за време на осумгодишната војна. Мобилизацијата доаѓа во време на нови предупредувања од иранските команданти. Генерал Али Абдолахи, началник на Генералштабот на вооружените сили, изјави дека доколку почне нова војна против Иран, „нејзиниот оган ќе ги зафати сите“, а американските интереси ќе бидат цел „без ограничувања“, исто како што, според него, било случај и во неодамнешните борби. Генерал-мајор Амир Хатами, командант на армијата, изјави дека војната „не е завршена“ и дека иранските сили ќе дадат „разорен“ одговор на секој нов напад, нагласувајќи дека земјата излегла како победник од неодамнешниот конфликт.

И додека Техеран врши мобилизација за војна, неговите дипломати се залагаат за обновување на преговорите, наведува „Телеграф“. Абас Аракчи, министерот за надворешни работи, во неделата им порача на странските претставници во Техеран дека „не постои воено решение за овој конфликт“. Тој предупреди дека секој нов напад ќе предизвика одговор „посилен од претходно“, но истакна дека само преговорите „засновани на правда и правичност“ можат да стават крај на конфликтот. Во меѓувреме, високиот ирански функционер Мохсен Резаи изјави дека во моментов нема преговори меѓу Техеран и Вашингтон.

 

ИЗДВОЕНИ