Во „Maла станица“, на 12 ноември, вo 18.30 часот, ќе биде отворена изложбата под наслов ФЕМИНА 8: „Женска книга, феминистичко писмо, политичко тело“, чија кураторка е д-р Сузана Милевска. Организатор e Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), a изложбата е дел од актуелното одбележување на 80-годишнината од неговото постоење. Таа ќе обедини седум феминистички уметнички позиции на aвторките: Кристина Божурска, Лилјана Ѓузелова, Зорица Зафировска, Ана Лазаревска, Јана Маневa-Чупоска, Шќипе Мехмети и Виолета Чаповска. Изложбата ѝ е посветена на Лилјана Ѓузелова (1935 – 2018) и на нејзиното последно дело „Женска книга“, 2010.

Посетителите ќе имаат можност до 23 ноември да ја погледнат и феминистичката нестабилна микроархива на д-р Сузана Милевска, која опфаќа постери, текстови, уметнички книги, фотографии, документи и видеопроекции поврзани со проекти од авторките: Џемилиана Абдулова / Марија Трпеска, Ноа Гур, Христина Иваноска, Сања Ивековиќ, Шејла Камериќ, Тања Остојиќ, Мерете Ростад, Елизабет фон Самсонов, Естер Штраус како и од групата „Женски круг “.

Предвидено е и секојдневно одржување на дебати, предавања и проекции кои во „Мала станица“ ќе започнуваат во 18 часот. На 13 ноември ќе се одржи панел-дискусија со учесничките на изложбата, а на 14, 15 и 16 ноември д-р Сузана Милевска ќе одржи предавањa под наслов „Краток речник на феминизам и уметност“. На програмата се и секојдневни видеопроекции .

Втората панел-дискусија посветена на улогата и на моќта на соработката меѓу уметноста и феминистичкиот активизам, со учество на Салија Беќир -Халим, Мања Величковска, Искра Гешоска, Јана Манева-Чупоска и Ирена Цветковиќ, ќе се одржи на 22 ноември.

 

ИЗДВОЕНИ