Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, обелодени дека овој пат тендерот за набавка на 150 електрични автобуси, од кои 100 за Скопје и 50 за другите градови во државата што имаат јавен градски превоз, и 75 станици за полнење е успешно завршен. Тој рече дека негово барање до понудувачот, иако рокот е за шест месеци по потпишувањето на договорот, било првите 30 автобуси да стигнат во декември 2026 година или во јануари 2027 година. Според него, се очекува набавката на сите 150 електрични автобуси да заврши за година и пол

 

Во декември 2026 година или во јануари 2027 година треба да стигнат првите 30 од предвидените 100 електрични автобуси за Скопје. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, за медиумите.

Според него, се очекува набавката на сите 150 електрични автобуси, од кои 50 за другите градови во државата што имаат јавен градски превоз, да заврши за година и пол. Тој истакна дека овој пат тендерот бил успешен, а единствената жалба што била поднесена е отфрлена од второстепената комисија за жалби по јавни набавки.

– Овој пат процесот е целосно успешно завршен. Сега влегуваме во процес на потпишување договор. Иако шест месеци е рокот за испорака од потпишувањето на договорот, моето барање до понудувачот, кој сега веќе ќе е и официјален контрактор на државата, ќе биде првите 30 автобуси да стигнат во декември 2026 година или во јануари 2027 година. Следните 60 да стигнат во рок од 12 месеци и уште 60 за 18 месеци. Така што за година и пол да заврши целата испорака – рече Николоски.

Освен 150 електрични автобуси, набавката се однесуваше и на 75 станици за полнење.

Инаку, според одржаната електронска аукција, најниска цена доставила унгарската компанија „Икарус“ во заедничка понуда со ЕВН од 3,1 милијарда денари без ДДВ (50 милиони евра), односно 19,7 милиони денари без ДДВ (320 илјади евра) по единица автобус и 2 милиони денари (32.500 евра) без ДДВ по единица станица за полнење. Цената за електричен автобус изнесува 19.796.924 денари без ДДВ, додека цената за станица за полнење е 2.018.899 денари без ДДВ.

Воедно, Николоски соопшти и дека Министерството за транспорт ќе има координација со „Македонски железници – Транспорт“, „Македонски железници – Инфраструктура“, Град Скопје и со ЈСП за да се утврдат возните редови на градскиот воз, кој ќе почне да сообраќа од 1 септември, при што ќе се имаат предвид потребите на средношколците и за студентите.

– Наша основна цел е возните редови да одговараат на учениците, односно средношколците. Убеден сум дека тие ќе го користат градскиот воз, особено што има неколку средни училишта околу Новата железничка станица – истакна Николоски.

Вицепремиерот рече дека градежните работи се веќе во финална фаза, а до 21 август треба да има технички прием на линијата што треба да оди од Зелениково, преку Драчево, Лисиче, Аеродром, Кисела Вода, до Железничката станица.

Нагласи дека ќе бидат во функција најновите купени возови со најмалку три гарнитури – две електрични и една дизел.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ