вторник, август 11, 2026
Дома СПОРТ ФИГО: Мора да си оди веднаш, ова е најниската состојба што сум...

ФИГО: Мора да си оди веднаш, ова е најниската состојба што сум ја видел

109
epa12902096 Laureus Academy member and former Portuguese soccer player Luis Figo attends a press conference held several hours before the 2026 Laureus World Sports Awards ceremony at Cibeles Palace in Madrid, Spain, 20 April 2026. EPA/Mariscal

Легендарниот португалски фудбалер, Луис Фиго, упати најсилни критики досега кон претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, велејќи дека првиот човек на светскиот фудбал мора веднаш да ја напушти својата функција.

Во колумна за британскиот „Дејли меил“, Фиго не штедеше зборови опишувајќи го однесувањето на Инфантино како „најниското, најподло и најсебично што некогаш го видел во фудбалот“.

„Целиот свој живот го сакам фудбалот. Играв професионално 20 години и верувајте ми, запознав многу сомнителни луѓе во овој спорт. Но, она што го видов во последните денови е најниското, најподло и најсебично однесување што некогаш сум го видел“, напиша Фиго.

Португалецот верува дека Инфантино се обидел да протурка големи промени во ФИФА без целосна транспарентност кон членовите, сè за да, според него, поединци блиски до врвот на светската фудбалска куќа би имале корист.

„Ако планот беше навистина толку добар, зошто не го презентираше пред сите асоцијации членки пред финалето на Светското првенство? Зошто не зборуваше отворено за ризиците, а не само за наводните придобивки?“, се прашува Фиго.

Тој особено нагласи дека на фудбалот не му се потребни потези што би им користеле на инвеститорите и администраторите, туку инвестиции во развојот на спортот низ целиот свет.

„На фудбалот му се потребни повеќе терени, повеќе тренери и повеќе можности за децата. Парите треба да се инвестираат во развојот на играта, а не во интерес на поединци“, додаде поранешниот освојувач на Златната топка.

Фиго заклучи дека Инфантино ја изгубил поддршката од голем број луѓе во фудбалскиот свет и дека е време за промена на чело на ФИФА.

„Премногу е доцна да се спаси неговото достоинство, но не е предоцна да се спаси фудбалот. Тој мора да си оди. Сега“, напиша Фиго.

Останува да се види дали овие остри зборови од еден од најголемите фудбалери на неговата генерација ќе предизвикаат понатамошни превирања во ФИФА, која се соочи со бројни критики и контроверзии во последните недели.

ИЗДВОЕНИ