На денот кога Скопје повторно се навраќа кон својата најдлабока рана (26 јули), во Музејот на Град Скопје, во 20:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, со фотографии од македонскиот етномузиколог Васил Хаџиманов (1906-1969) од тажачките обреди по земјотресот и ќе биде промовирано дополнетото и двојазично издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов.
Според авторите Мартиноска и Иванов, книгата и изложбата отвораат два влеза во истиот архив: преку зборот и преку фотографијата, преку гласовите на жените што ја оплакувале загубата и преку погледот што ги зачувал нивните лица, движења и обреди.
– Во 2023 година, кога ја објавивме книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“, нашата првенствена намера беше да претставиме пред научната и пошироката јавност еден долго време недостапен корпус од македонското фолклорно наследство. Ракописните и звучните записи што ги создал Хаџиманов непосредно по катастрофалниот земјотрес, на погребите и на помените на жртвите, повеќе од шест децении останале расеани во неговата архивска оставина. Нивното пронаоѓање, дигитализирање, расчитување и приредување ни овозможи да ги вратиме во јавниот и во научниот простор гласовите на луѓето што ја изразувале својата загуба преку еден од најстарите, а истовремено и најмалку проучувани фолклорни жанрови – посочуваат авторите.
Книгата ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2024 година, за особено значајно научно остварување, како и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за придонес во науката и книжевноста поврзан со градот и со неговото историско паметење.

– Дополнетото и двојазично издание„Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“/”Laments from the 1963 Skopje Earthquake (From the Archival Materials of Vasil Hadzimanov)“, прво во ваква форма, произлезе од интересот за книгата надвор од македонскиот научен простор, но и од сознанието дека не беше завршена работата со архивата на Хаџиманов со изданието од 2023 година. Натамошното пребарување донесе дополнителни белешки и фотографии што ги направил тој во разурнатото Скопје, на гробиштата во Бутел и при погребните обреди. Дел од овие документи се вклучени во ова издание и го прошируваат сведоштвото за околностите во кои биле снимени тажачките песни. Ова издание е дополнето со музиколошки прилог на Вера Милошевска-Јосифовска, кој ја проширува анализата на мелодиските, ритмичките и изведувачките особености на материјалот – истакнуваат Мартиноска и Иванов.
Особено значајна новина е англискиот превод на Милан Дамјаноски, со кој научните прилози и објавените тажачки песни стануваат достапни за меѓународната научна јавност.
– Изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“ (фотографии на Васил Хаџиманов од тажачките обреди), чиј авторски концепт го подготвивме во соработка со фотографот документарист Иван Блажев од Архив МАНУ „Харалампие Поленаковиќ“, првпат ќе претстави дел од досега неприкажаните фотографии што ги направил Хаџиманов на скопските гробишта, по земјотресот. Фотографските сведоштва за погребните и тажачките обреди ќе бидат поврзани со дигитализираните звучни записи, така што посетителите истовремено ќе може да ги гледаат визуелните документи и да ги слушаат гласовите на жените што ги оплакувале своите блиски. Со спојувањето на сликата и звукот, архивскиот материјал добива нова музејска и меморијална форма, а промоцијата на дополнетото двојазично издание станува дел од поширокото одбележување на делото на Хаџиманов. Неговиот исклучителен собирачки, мелографски и документаристички труд сè уште не е целосно истражен, а голем дел од оставината останува предизвик за идни проучувања. Се надеваме дека книгата и изложбата ќе придонесат неговото дело да добие повидливо место во историјата на македонската фолклористика, етномузикологија и визуелната култура и дека ќе поттикнат натамошно објавување и проучување на материјалите што ги собирал со децении – додаваат Мартиноска и Иванов.












