Финалниот нацрт на можен договор меѓу САД и Иран, со посредство на Пакистан, треба да биде објавен во рок од неколку часа, објави денеска „Ал Арабија“, повикувајќи се на свои извори.
Според нацртот, до кој „Ал Арабија“ имаше пристап, се предвидува итен, сеопфатен и безусловно прекин на огнот на сите фронтови – копнен, морски и воздушен. Договорот, исто така, вклучува заедничка обврска да не се таргетира воена, цивилна или економска инфраструктура и да се суспендираат сите воени операции и да се запре медиумската војна.
Двете страни би се обврзале да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет и да не се мешаат во внатрешните работи на другата држава. Нацртот, исто така, гарантира слобода на пловидба во Персискиот Залив, Хормускиот Проток и Оманскиот Залив.
Исто така, се предвидува да се воспостави заеднички механизам за следење на спроведувањето и решавање на споровите, а преговорите за преостанатите отворени прашања би започнале во рок од една недела. Во замена за почитување на условите од страна на Иран, санкциите на САД постепено би се укинувале.
Текстот, исто така, го потврдува почитувањето на меѓународното право и Повелбата на ООН, а договорот би стапил во сила веднаш откако двете страни официјално ќе го објават.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, вчера им изјави на новинарите дека има „некои добри знаци“ во преговорите, но дека не може да има решение ако Техеран наметне систем на наплата за премин низ Хормускиот Проток, кој е затворен за поголемиот дел од бродскиот сообраќај од почетокот на војната на 28 февруари.
„Има некои добри знаци“, рече Рубио. „Не сакам да бидам преоптимистичен… Па ќе видиме што ќе се случи во следните неколку дена.“
Во исто време, висок ирански извор вчера за Ројтерс изјави дека разликите се намалиле, иако збогатувањето на ураниумот и прашањето за теснецот остануваат меѓу точките на спор.












