вторник, ноември 3, 2026
Дома СВЕТ На 10 и 11 ноември работен состанок САД-Украина-Русија: Зеленски бара средба со...

На 10 и 11 ноември работен состанок САД-Украина-Русија: Зеленски бара средба со Путин во организација на Ердоган

12
EPA/IAN LANGSDON / POOL

САД, Украина и Русија се договорија за одржување нови трилатерални мировни преговори на работно ниво во Абу Даби на 10 и 11 ноември. Претходно, украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин во Турција и изрази надеж дека турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, може да помогне во организирањето на тие разговори.

Во интервју за „Си-ен-ен Турк“, Зеленски смета дека се неопходни директни преговори на претседателско ниво, бидејќи претходните контакти меѓу двете страни не успеаја да ја запрат војната во Украина, пишува „Киев пост“.

– Подготвени сме за овој состанок во Турција. Знам дека Ердоган има свои врски со Путин. Затоа го поддржуваме одржувањето на состанокот во Турција – рече Зеленски.

Според пишувањето на „Киев индепендент“, Кремљ избегнува состанок на Путин и Зеленски лице в лице, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред неколку дена им изјави на новинарите дека Путин е „отворен за дијалог со сите“. На прашањето дали рускиот лидер ќе разговара со Зеленски по телефон, Песков рече: „Сè уште никој не се јавил“.

Украинските власти се сомневаат дека Москва се обидува да наметне телефонски разговор, кој, според нив, нема да донесе никакви опипливи резултати и само ќе послужи за избегнување на директна средба. Путин и Зеленски седеа на иста маса во 2019 година.

ИЗДВОЕНИ