вторник, ноември 3, 2026
Дома СВЕТ Отворени гласачките места во САД: Ќе се сопре ли контролата на Трамп...

Отворени гласачките места во САД: Ќе се сопре ли контролата на Трамп врз Конгресот?

18
EPA/JIM LO SCALZO

Американците денеска излегуваат на гласање за меѓумандатните избори за Конгресот, кои се сметаат за клучен тест за поддршката на претседателот Доналд Трамп во средината на неговиот втор мандат. Гласачите избираат 435 членови на Претставничкиот дом и 35 од 100-те сенатори, а исходите би можеле да ја променат рамнотежата на моќта во Вашингтон.

Првите избирачки места се отворија во Вермонт, а гласањето во другите сојузни држави ќе започне во текот на денот. Според средноевропското време, избирачките места се отвораат во 12:00 часот во Њујорк, Њу Џерси и Вирџинија, во 13:00 часот во Џорџија, Мичиген и Пенсилванија, а во 16:00 часот во Калифорнија.

Првите избирачки места ќе се затворат на полноќ – во делови од Индијана и Кентаки – кога се очекуваат и првичните резултати. Броењето на гласовите ќе продолжи во текот на ноќта, додека конечните исходи од најнеизвесните трки можеби нема да бидат познати уште неколку дена.

Републиканците моментално ги контролираат двата дома на Конгресот, но Демократите се надеваат дека ќе го искористат незадоволството од политиките на Трамп, зголемените трошоци за живот и војната со Иран, за да обезбедат мнозинство и да ја ограничат моќта на претседателот.

Неодамнешните анкети им даваат предност на Демократите. Според просекот од истражувањата што ги следи Silver Bulletin, тие имаат предност од 8,9 процентни поени на национално ниво. Околу 51 отсто од испитаниците ги поддржуваат Демократите, во споредба со приближно 43 отсто за Републиканците.

Сепак, бројките од националните анкети не гарантираат нужно мнозинство во Конгресот. Битката за Сенатот е особено неизвесна, при што некои анкети покажуваат мала разлика меѓу кандидатите во сојузни држави како Ајова.

На исходот од изборите може да влијае и прекројувањето на границите на изборните единици во девет сојузни држави, што може да влијае врз распределбата на местата во Претставничкиот дом.

Во последните недели, Трамп активно учествуваше во кампањата, повикувајќи ги своите поддржувачи да гласаат за републиканските кандидати. Резултатите од овие меѓумандатни избори ќе покажат во која мера гласачите ги поддржуваат неговите политики и дали Републиканците ќе ја задржат контролата врз двата дома на Конгресот.

ИЗДВОЕНИ