Самит за проширување на ЕУ во организација на „Евроњуз“
Главната пречка за напредокот на Македонија кон Европската унија не е поврзана со исполнувањето на европските критериуми, туку со недостигот на политичка волја кај одредени соседни земји, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска, во рамки на Самитот за проширување на ЕУ 2026, во организација на „Еуроњуз“. Македонската претседателка отворено говореше за македонскиот евроинтеграциски пат, уставните измени, прашањето за идентитетот и јазикот, како и за потребата од дијалог и еднаков третман на земјите кандидати. Сиљановска-Давкова порача дека Македонија со години покажува политичка волја и прави отстапки, а сега очекува ист таков пристап од Европската унија и соседите.
-Започнавме со Словенија, минатата година на универзитетот Колумбија го именував моето предавање како „македонскиот маратон кон ЕУ – чекајќи го Годо… Нашите проблеми не се поврзани со реалноста, туку со недостатокот на политичка волја. И тоа не од ЕУ и нејзините институции, туку од некои соседи. Јас очекувам соседите први да го штитат регионот. Словенија и Хрватска се членки на ЕУ, но се уште се со нас преку т.н. Бриони-Брдо процес. Тие секогаш уведуваат дека ако не сме во состојба да го слушаме, да се обидеме да го разбереме соседот, тогаш нема да можеме да ги убедиме во Брисел, рече Сиљановска-Давкова.
Таа потсети на промената на името во 2018 година, со Договорот од Преспа и на референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ со прифаќање на Договорот од Преспа“.

-Повеќе од 40 претседатели и премиери не посетија и велеа дека ова е последно барање. Ова не зборува само за нас, туку и за ЕУ. Го ценам тоа што претседателот Макрон го кажа пред студентите од Сорбона, дека ЕУ не е само дипломатска и бирократска машинерија, дека е нешто подлобоко од тоа, дека ЕУ е филозофија. Но, филозофијата е невозможна без принципи. Да ве потсетам на некои од нив: во членот 2 се вели дека различноста е важна и дека ЕУ ќе го почитува културниот и националниот идентитет. Во членот 4 се вели дека ЕУ ќе ги почитува уставната и политичката структура, замислете, и сега ние ќе мора да го смениме повторно Уставот. Ние сме шампиони во промена на Уставот- 36 пати. Повеќето од амандманите се наметнати, па можеби треба да ја смениме и Преамбулата и да напишеме „Ние, граѓаните, и Европската унија или соседите“, рече македонската претседателка.
Таа додаде дека не нејзиниот легитимитет се раѓа од граѓаните и им припаѓа ним и дека таа не може да вети дека земјава ќе го смени Уставот.
-Мојот легитимитет се раѓа од граѓаните и им припаѓа ним. Па како можам да и ветам на ЕУ дека ќе го смениме Уставот? Не сум апсолутен монарх. Ние го почнавме тој процес и не го поминаа ниту првиот чекор, уставната комисија. Не можам да го гарантирам тоа. Но, можам да гарантирам дека исторски, културно, географски, секогаш сме биле дел од Европа и заслужуваме да припаѓаме и политички. 80 проценти од граѓаните се против уставни измени, но подрршката за ЕУ е околу 70 проценти, затоа што ние од Балканот секогаш сме се чувствувале како Европејци, ги делиме истите вредности. ЕУ била посебна поради демократските капацитети, принципите и вредностите. Професорот Џозеф Вајлер од САД вели дека проблемот на ЕУ е што го форсира монологот, а не дијалогот. Можеби земјите-кандидати и кандидатите за кандидати имаат нешто да кажат. Како можам да зборувам за мојот идентитет, за мојот јазик? Извинете, не можам. Тоа е нешто ад акта, рече претседателката и ги спомена 17-те пресуди од Судот во Стразбур. Каков е тој суд ако неговите пресуди не се релевантни за членките на ЕУ, рече таа.
Претседателката изрази уверување дека Унијата сеуште може да најде некое креативно решение.
-Се уште верувам дека ЕУ ќе најде решение, затоа што ЕУ знае да биде многу креативна. Имаше некои случаи. Можеби Членот 7 е заборавен. Членот 7 од Договоорт за ЕУ вели дека една третина од земјите-членки може да покрене процедура пред Советот и знаете, кафе пиење, се сеќавате… Да, има многу креативни решенија. Она за што сум загрижена е зошто да трошиме енергија, зошто да не се фокусираме на главните карактеристики на ЕУ, рече Сиљановска-Давкова и додаде дека ние сме единствената земја од оние што чекаат со 100 проценти усогласена надворешна и безбедноста политика со ЕУ.

Како можност за придвижување на процесот, Сиљановска-Давкова гледа во постепената интеграција, преку пристап до единствениот пазар, комитолошките механизми, дигитализацијата и другите европски политики. Во однос на реформите, таа оцени дека постојат капацитети за напредок во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но дека нивното спроведување бара внатрешна политичка волја, а и поттик од Европската Унија.
Претседателката рече дека не би ги обвинила ниту Скопје, ниту Софија, ниту Брисел, ако за пет години Македонија се уште не е на јасен пат кон членство за ЕУ.
-Ако е потребен прагматизам, многупати покажавме позитивна политичка волја, сега ЕУ треба да го направи истото, и соседите исто така. Затоа што само заедно можеме внатре во ЕУ да го презентираме и браниме регионалниот интерес, рече таа.
Во однос на тоа дали се подобруваат односите со Бугарија, Сиљановска-Давкова истакна дека таа вложува напори, но потенцира дека е потребен еднаков третман од соговорниците.
-Јас се обидувам, се сретнав со претходниот претседател, сегашен премиер во бона фиде расположение, со добра волја, исто така се сретнав со претседателката, ги изразив истите ставови и ќе продолжам да го правам тоа. Само преку дијалог можеме да се обидеме на најдеме решенија. Но, знаете, ако моделот, форматот на дијалогот е „слушај и прави, јас сум членка, ти не си и јас поседувам вето, ти не“, тогаш има проблем, бидејќи дијалогот значи еднаквост на вклучените, истакна претседателката.
На прашање колку е загрижена за руското влијание во земјава, македонската претседателка рече дека земјава е целосно определена кон НАТО и ЕУ и не чувствува загриженост.
-Не сум многу загрижена за руското влијание во регионот. Нашите студенти не одат кон Москва туку кон Брисел. Како кредибилен член на НАТО, се чувствуваме комотни. Ние го одбравме патот – НАТО, рече таа и посочи дека во некои земји-членки на ЕУ има партии во парламентите кои се про руски ориентирани.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Брисел учествува на Самитот за проширување на Европската унија 2026, во организација на Еуроњуз, на кој присуствуваат високи европски и регионални политички претставници.
Во фокусот на самитот се процесот на проширување на ЕУ, европската интеграција на земјите кандидати, регионалната соработка и предизвиците со кои се соочува Унијата во однос на приемот на нови членки.
Според најавите, македонската претседателка, ќе оствари средби со генералниот секретар на НАТО Марк Руте и со врховниот командант за Европа, генералот Алексус Грегори Гринкевич во Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа во Монс, а предвидени се средби и со претставници на европските институции.
Меѓу говорниците на Самитот се и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, премиерите на Албанија – Еди Рама, на Хрватска – Андреј Пленковиќ, на Црна Гора – Милојко Спајиќ, како и ерменскиот – Никол Пашинјан, грузискиот – Иракли Кобахидзе и молдавскиот – Василе Тофан.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, говорејќи на Самитот за проширување на Европската Унија во Брисел, ја спомена Македонија како пример за долгогодишниот застој во процесот на европска интеграција на дел од земјите од Западен Балкан. Тој потсети дека Македонија институционално била пред Хрватска во 2000 година, но и натаму нема отворено пристапни преговори со ЕУ.
Осврнувајќи се на поширокиот регионален контекст, хрватскиот премиер ја поддржа европската перспектива на Западен Балкан, но нагласи дека процесот на проширување треба да се темели на исполнување на критериумите и добрососедските односи. Како пример ја посочи Црна Гора, за која смета дека членството во ЕУ до 2028 година е остварлива цел, доколку се решат преостанатите отворени прашања со Хрватска. (В.С.Н.)












