
По италијанското и германското обвинителство, истрага за снајперското сафари во Сараево, во текот на војната во Босна и Херцеговина во 90-тите години, истрага отвори и белгиското обвинителство.
Се истражува дали учествувале белгиски граѓани во случајот познат како „Сараево сафари“. Обвинителството соопшти дека истрагата е почната врз основа на информации објавени во медиумите, но не даде дополнителни детали.
Минатиот ноември, откако обвинителите во Милано отворија постапка поради тврдењата дека доаѓале странски државјани во Сараево, кое било под опсада, и плаќале големи суми пари за да пукаат во цивили, следуваше федерална истрага. Пред неколку дена и германското обвинителство почна истрага за истиот случај, за две лица – еден Германец и еден Австриец.
Случајот го обелодени италијанскиот новинар и автор Ецио Гавацени, според чие истражување луѓе од Белгија, Франција, Германија и од Италија, можеби, учествувале во тие активности. Тој тврди дека поединци плаќале суми од 100.000 евра или повеќе за да убиваат цивили во Сараево.
Во текот на опсадата на Сараево, која траеше четири години, од 5 април 1992 година до февруари 1996 година, околу 350.000 жители беа изложени на секојдневен оган од припадниците на поранешната ЈНА и паравоените српски формации, а подоцна и на тогашната Армија на Република Српска, од позициите на околните ридови. Во тој период, 11.541 граѓани на Сараево беа убиени, меѓу кои 1.601 деца, а повоените истражувања покажуваат дека речиси четири петтини од вкупниот број жртви загинале во првите две години од војната.











