Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на „Македонски Железници – Транпорт“ во 2024 година покажува дека таа година, друштвото се соочувало со сериозни финансиски и оперативни проблеми, а состојбата со возниот парк, управувањето со имотот и контролата на трошоците отвора сериозни прашања за одржливоста на железничкиот сообраќај.

Според ревизорските наоди, друштвото 2024 година остварило загуба од 331,8 милиони денари. Иако таа е помала за 427,5 милиони денари во споредба со 2023 година, натрупаните загуби од претходните години ја зголемуваат вкупната загуба на 6,75 милијарди денари, односно околу 109 милиони евра. Ревизорите предупредуваат дека континуираните загуби го загрозуваат идното работење, развојот и ефикасното и безбедно одвивање на железничкиот сообраќај.

Ревизорите посочуваат дека во 2024 година особено загрижувачка била состојбата со возниот парк. Од вкупно 62 локомотиви, во функција биле само девет. Од 16 патнички гарнитури исправни биле пет, додека од 47 патнички вагони само два се користеле во редовниот сообраќај. Дополнително, од 1.382 товарни вагони, само 378 имале важечка ревизија, а останатите 1.004 биле надвор од сообраќај.

Ревизорите посочуваат дека застарената опрема, делумно постара од 40 години, недоволните инвестиции и ненавременото одржување, сериозно ја ограничувале оперативната способност на компанијата.

Неправилности се утврдени и во управувањето со имотот и резервите. Дури 71 отсто од резервите, вредни 342,3 милиони денари, биле постари од 2019 година, без соодветно вредносно усогласување. Дел од објектите не биле евидентирани како недвижности, иако се користат со години.

Дополнително, извештајот нотира небезбедно ракување со нафтените деривати, застарени мерни уреди, прекумерна потрошувачка на вода и недоволна контрола на приходите. Особено сериозен е податокот дека друштвото не резервирало средства за потенцијални судски обврски од речиси 261 милион денари, иако постои висока веројатност за нивно подмирување.

Државниот завод за ревизија дал препораки за надминување на утврдените слабости. Генералниот директор, на 2 ноември 2026 година, доставил информација за преземените активности. Сепак, останува клучното прашање дали препораките ќе донесат суштински промени во компанијата која со години се соочува со финансиско пропаѓање и сериозно ослабен возен парк.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ