В сабота, во паркот „Авионче“, ќе се одржи „Сакура фестивал“, културно-едукативен настан чија цел е да ги доближи јапонските традиција, уметност и филозофија до локалната публика, преку внимателно осмислена и содржајна програма.
Од Општина Аеродром информираат дека настанот ќе се реализира во периодот од 12:00 до 15:00 часот и дека претставува синергија на едукативни, културни и на забавни содржини, наменети за широката публика, вклучувајќи ги семејствата, младите и љубителите на интернационалните култури.
Оттаму додаваат дека програмата на фестивалот опфаќа музички дел со настап на диџеј Филип Поповски, едукативна работилница „Играме И-ГО“ со професор Јошио Којама, насочена кон промоција на стратешкото размислување преку традиционалната јапонска игра, како и презентација на јапонските боречки вештини, со акцент на дисциплината, техниката и на културното наследство.
– „Сакура фестивал“ има цел да поттикне културна размена, едукација и социјална интеракција, притоа создавајќи уникатно искуство инспирирано од симболиката на сакура – цвет што во јапонската култура претставува убавина, обновување и хармонија – потенцираат од локалната самоуправа.
Настанот, кој е поддржан од Општина Аеродром, е отворен за јавноста и се очекува да придонесе за збогатување на културната понуда во градот, како и за зајакнување на интересот за интернационалните културни содржини.












