Случајна средба по која односите и натаму ќе останат исти или, пак, вовед за обновување меѓуцрковни контакти кои речиси четири години стојат во место во однос на прашањето на добивањето на томосот за автокефалност? Ваква дилема се наметнува по петочната средба на Дебарско-кичевскиот митрополит, Георгиј, со Вселенскиот патријарх, Вартоломеј, во италијанската престолнина Рим. Кусата средба се случи за време на престојот на владиката Георгиј, кој во катедралата „Свети Петар“ одржа прв молебен за светителот Еразмо Охридски кој, инаку, се празнува во јуни, но што се совпадна и со престојот на Вселенскиот патријарх во Рим. Нему, на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквински“, по повод свеченото отворање на академската 2026/2027 година, му беше доделен почесен докторат по теологија, а меѓу присутните гости беше и македонскиот владика. Оттаму и прашањето дали се работи за однапред договорена средба на која црковната дипломатија работела во изминативе месеци или, пак, за чиста случајност во која нашиот владика, кој порано беше македонски амбасадор во Ватикан, се најде на истата прослава со патријархот Вартоломеј.
Мислењето дека се работи за договорена средба се базира на она што почна да се навестува по два престоја на епископот Антаниски Партениј, кој му е викарен епископ на митрополитот Георгиј, на Света Гора и на епархијата на Вселенската патријаршија на Имврос, Турција. И двете посети во август го имаа благословот на митрополитот Георгиј и на вселенскиот патријарх Вартоломеј, а што, уште тогаш, ги поттикна калкулациите дека по нив ќе следуваат и нови контакти. Познато е, односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија не се прекинати, но се во своевиден застој уште пред три години поради различните ставови околу издавањето на томосот за автокефалност кој го очекува МПЦ-ОА од Вселенската патријаршија. Тогаш, во мај 2022 година, Вселенската патријаршија донесе одлука за примање на МПЦ-ОА во канонско и евхаристиско единство и со што се прекина нејзината 55-годишна изолација од православни цркви. Истовремено, на МПЦ-ОА ѝ беше понудено да се именува како „Охридска архиепископија“ за севкупна употреба. Но и тоа дека нашата Црква „не смее да го користи името ‘Македонија’ или ‘македонска’ или, пак, кој било друг дериват од зборот ’Македонија’“. Меѓутоа, по ова, МПЦ-ОА, на 5 јуни истата година, неочекувано доби томос од Српската православна црква со уставното име „Македонска православна црква“, томос кој дел од македонските владици го сметаат како доволен и полноважен. Со тоа запре комуникацијата со Вселенскатата патријаршија, како и од причина што македонските владици сметаа дека условите кои се поставуваат од Фанар се неприфатливи. Македонскиот архиепископ, г.г. Стефан, тогаш изјави дека не може да прифатат таква промена на името, откажување од дијаспората и признавање на Православната црква на Украина, на која патријархот Вартоломеј ѝ го издаде томосот за автокефалност.
Сигнал на желба за обновување на контактите
Сега, по неколкугодишниот застој во текот на кој контактите со Вселенската патријаршија се одржуваа речиси исклучиво преку епископот Партениј, во комуникацијата се вклучува и Дебарско-кичевскиот митрополит Георгиј. Тој, инаку, во синодските кругови важи за достоинственик во кој архиепископот Стефан има полна и целосна доверба. Прашањето е, секако, што размениле двајцата достоинственици на кусата средба во Рим. Односно, дали ќе следуваат нови средби и слично. Ова се случува во периодот кога од неофицијални црковни кругови се дознава дека опцијата со името на нашата црка која ни ја нуди Вселенската патријаршија е Охридска архиепископија – Православна црква на Република Северна Македонија. Но, дали е и навистина така, сигурно ќе се види во текот на контактите, доколку тие уследат во наредниот период, при што римската средба може да се протолкува и како сигнал дека македонската црква сака обновување на контактите.

Она што дополнително ги подгрева дилемите е и фактот што патријархот Вартоломеј се среќава со еден македонски владика непосредно по неговиот престој во Бугарија и средбите со достоинствениците на Бугарската православна црква. БПЦ уште пред четири години соопшти дека се противи на предлогот на Вселенската патријаршија МПЦ-ОА да се именува како Охридска архиепископија. Во меѓувреме, новиот бугарски патријарх Даниил значително ги подобри односите со патријархот Вартоломеј, а за што, извесно, сведочи и изјавата на Вселенскиот патријарх дека „останките на Цар Самуил му припаѓаат на бугарскиот народ и дека тој бил негов владетел“. Со тоа, практично, се отвора прашањето за идните позиции на Вселенската патријаршија во однос на нашата црква. Односно, дали нејзиното подобрување на односите со Бугарската православна црква може да има влијание врз оние услови кои досега ни беа поставувани како ултимативни за добивање томос за автокефалност од страна на Фанар. Инаку, претставници на нашата црква, на августовското чествување на Имврос од страна на Вселенската патријаршија, беа ословувани како претставници на „Охридската архиепископија“.
Какви се односите со Москва?
Од друга страна, индикативно е и тоа што двајца македонски достоинственици во ноември ќе престојуваат во Москва, Русија, за да присуствуваат на одбележувањето на 80. роденден на рускиот патријарх Кирил. Ова се случува во периодот кога голем дел од православните цркви немаат нормални односи со Руската православна црква заради нејзината целосна поддршка на ужасната војна во Украина која ја започнаа руските воени сили. Освен ова, Московската патријаршија е во отворен судир со Вселенската патријаршија околу украинското црковно прашање. Во 2023 година, индикативен потег беше одлуката на МПЦ-ОА, која одлучи да не се сослужува со јерархијата на Православната црква на Украина „до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на Православието“, а што во јавноста се протолкува како приклонување на македонските владици на руските ставови. Подоцна, нашата црква формира посебна синодска комисија која има за цел да ја испита оправданоста на автокефалноста на ПЦУ, но таа сè уште не донесе никаков став. Оттаму, прашањето е и како ова патрување и одржувањето на добрите контакти на МПЦ-ОА со рускиот црковен врв, кој не призна како автокефална црква со уставно име, може да се одрази на нашите контакти и преговори со Вселенската патријаршија. Но, тука може да биде интересна и неодамнешната изјава на патријарх Вартоломеј, кој во едно интервју за време на посетата на Бугарија изјави дека „по завршувањето на војната во Украина, православните цркви повторно ќе можат да соработуваат во духот на единството и братската љубов“. Односно, дека контактите со црковната Москва практично ќе се обноват по крајот на војната.
Таквиот став влева надеж дека комуникацијата што ја прави МПЦ-ОА со Москва може да помине без големи забелешки на Вселенската патријаршија која, пак, за посредник во подобрувањето на своите односи со РПЦ ја предложи Бугарската православна црква.
Очигледно, во следниот период се отвораат многу калкулации за можните односи меѓу православните цркви, а со тоа и решавањето на прашањето за издавањето на томосот за автокефалност за МПЦ-ОА од страна на Фанар. Во тоа, извесно, најважно е да се одржува комуникацијата меѓу нив и што македонските владици, очигледно, го посакуваат. (Б. Ѓ.)












