И додека во јавноста се кршат копјата за БРТ-системот, а како што пишуваше весникот ВЕЧЕР, експерти предупредуваат дека наместо БРТ, подобар е лесниот шински систем, односно лесно метро, јавниот градски превоз во Скопје ги губи патниците.  

Загрижувачка е бројката до која дојде Центарот за граѓански комуникации во своето истражување спроведено во февруари, според  кое во изминатите десет години бројот на превезени патници е намален за околу 30 милиони годишно. Во 2015 година со автобусите на ЈСП се превезувале околу 52 милиони патници, додека денес тој број е сведен на приближно 22 милиони годишно.

Од „На точак“ предупредуваат дека доколку не се направи потребната координација меѓу сите јавни претпријатија со свои инфраструктури, не се вклучи јавноста и идејно решение за цела траса на БРТ пред да се даде на детално проектирање и изградба, сигурно ќе се појават неочекувани проблеми и ќе се направат неочекувано лоши компромиси

 

Дали најголемиот децениски инфраструктурен проект во Скопје, проектот за БРТ, заслужува да биде проектиран и граден во фази, без идеен проект за целината, без презентација на анализите, без да се знаат критериумите, вредностите, црвените линии, компромисите кои се направени? – прашуваат велосипедистите.

Воедно, прашуваат: Дали треба да дојдат багерите да ни ги рушат велосипедските патеки и да ги копаат пешачките патеки, па да се свестиме што губиме?

– Новиот проект за БРТ бара: да се задржи централната жардиниера, автобусите да возат во најлева лента, а да бидат исклучиво со десни врати, да се направат дополнителни жардиниери за станиците од десна страна. Но, за да се задржат две ленти за автомобили, таквиот концепт нужно ги руши велосипедските патеки. За да не се рушат страничните жардиниери, велосипедските патеки ќе мора да се преместат во пешачките и да се намалат стандардите и на едните, и на другите. Некаде нема простор ни за тоа. Таква е ситуацијата во Влае – предупредуваат од „На точак“.

Притоа, напоменуваат, на местото на станиците, тротоарите ќе се стеснат за дополнителни 1-2 метри од прикажаното, бидејќи БРТ-станиците треба да бидат широки 4-5 метри, наместо жардиниерата од 3 метри.

– Во моментов, Град Скопје нема презентирано истражувања и критериуми за тоа што се добива, а што се губи со секоја можна варијанта за БРТ. Од аспект на зеленилото, активен транспорт, квалитет на јавен простор, брзина на БРТ, брзина на комбинирање со линии хранилки… Изборот на варијантите и претходно (2021), и сега (2026), како да е по „критериум“ лични преференции, а не мултикритериумска анализа. Во моментов, Град Скопје нема ни идеен проект за новиот концепт за да станат свесни и тие, и јавноста за последиците кои ги презентираме – велат од групата скопски велосипедисти.

Тие додаваат дека за концептот од 2021 имало идеен проект и јасно се знаело дека ќе се урива централната жардиниера, но за жал, немало или не се презентирале мултикритериумски анализи за тоа зошто е избрана таа варијанта и се направени тие компромиси, па јавноста не го поддржа проектот.

– Сега, Град Скопје му ги предава проектирањето и изведбата на изведувачот да ги прави во фази, без целосен идеен проект, со минимални критериуми поставени од страна на Град Скопје. Сигурни сме дека на дел од проблемите кои ги презентираме не ни имаат помислено – нагласуваат скопските велосипедисти, додавајќи дека токму затоа сметаат оти вклучувањето на граѓаните, стручната јавност и релевантните институции пред носењето конечни решенија не треба да биде формалност, туку начин навреме да се идентификуваат проблемите и да се избегнат дополнителни трошоци и измени во текот на изведбата.

Предупредуваат дека доколку не се направи потребната координација меѓу сите јавни претпријатија со свои инфраструктури, не се вклучи јавноста и идејно решение за цела траса пред да се даде на детално проектирање и изградба, сигурно ќе се појават неочекувани проблеми и ќе се направат неочекувано лоши компромиси.

И додека во јавноста се кршат копјата за БРТ-системот, а како што пишуваше весникот ВЕЧЕР, експерти предупредуваат дека наместо БРТ е подобар лесниот шински систем, односно лесно метро, јавниот градски превоз во Скопје ги губи патниците.

Загрижувачка е бројката до која дојде Центарот за граѓански комуникации во своето истражување спроведено во февруари, според  кое во изминатите десет години бројот на превезени патници е намален за околу 30 милиони годишно. Во 2015 година со автобусите на ЈСП се превезувале околу 52 милиони патници, додека денес тој број е сведен на приближно 22 милиони годишно.

– ЈСП располага со вкупно 341 автобус, но дневно технички исправни се само 185, а во сообраќај редовно се вклучуваат околу 157 автобуси. Бројот на исправни возила континуирано опаѓа и пред една деценија претпријатието имало 316 исправни автобуси, наспроти сегашните 185 – покажало истражувањето.

Притоа, во него се наведува дека со намалувањето на возниот парк се зголемува и просечната старост на автобусите, која сега изнесува 13,3 години и највисока во последните десет години.

– Над 80 проценти од автобусите се од кинеската марка „Јутонг“ и украинската „ЛАЗ“, а во употреба сè уште се и десет автобуси од марката „Санос“, стари по 33 години – велат од Центарот за граѓани комуникации.

Притоа, од аспект на заштитата на животната средина, само околу 10 проценти од автобусите ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди еуро 6, додека најголемиот дел се со стандарди еуро 4 и еуро 5.

Сепак, да се надеваме дека со набавката на електричните автобуси состојбата со јавниот градски превоз ќе се ублажи.

Но, ако паралелно не се обноват автобусите, не се усогласат возните редови, не се воведе вистинска интеграција и не се врати довербата дека јавниот превоз ќе пристигне кога е потребен, ниту еден проект сам нема да го реши проблемот.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ