петок, јуни 5, 2026
Дома СКОПСКА Намалување на сообраќајните тесни грла, безбедни пешачки зони, велосипедски коридори, модерен јавен...

Намалување на сообраќајните тесни грла, безбедни пешачки зони, велосипедски коридори, модерен јавен превоз – најави Ѓорѓиевски

117

 – Како главен град и најголем урбан центар во Македонија, Скопје секојдневно се соочува со сериозни предизвици како сообраќаен метеж, зголемен број возила, потреба од поефикасен јавен превоз, подобра пешачка и велосипедска инфраструктура и намалување на загадувањето. Токму затоа, Планот за одржлива урбана мобилност е важен чекор кон системско, долгорочно и европски усогласено планирање на градот – истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, кој заедно со заменик-претседателот на Владата на Македонија и министер за транспорт, Александар Николоски, директорката на Светска Банка за Македонија, Карол Межеван, претставници од Владата и градоначалници, учествуваше на работилницата посветена на обука и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност.

Тој нагласи дека во периодот што следува, Град Скопје ќе пристапи кон носење нов Генерален урбанистички план, во кој ќе бидат предвидени современи урбани и сообраќајни решенија, подобро поврзување на градот, намалување на сообраќајните тесни грла, безбедни пешачки зони, велосипедски коридори, зелени површини и простор за развој на модерен јавен превоз.

Како посебно значаен тој го наведе проектот за воведување на БРТ-систем во Скопје, како еден од најважните инфраструктурни проекти за модернизација на јавниот превоз, но нагласи дека паралелно, мора  да се стимулира велосипедот како вистинско превозно средство, а не само како форма на рекреација.

– Тоа значи безбедни велосипедски патеки, поврзани велосипедски коридори, подобра сигнализација и поголема култура во сообраќајот. Град кој го стимулира велосипедот е град кој инвестира во здравје, почист воздух, помал метеж и поголема слобода на движење. Одржливиот град значи и почист град – наведе Ѓорѓиевски.

Освен комуналните возила што ќе ги добие од Владата, Ѓорѓиевски најави дека, дополнително, Градот ќе обезбеди уште четири нови возила и две претоварни станици, кои треба значително да ја подобрат ефикасноста во транспортот на отпадот. Едната претоварна станица ќе биде поставена во Ѓорче Петров и ќе ги опслужува општините Ѓорче Петров, Карпош и Сарај, додека другата ќе биде лоцирана во Гази Баба. Според Ѓорѓиевски, на овој начин камионите нема да мораат постојано да патуваат до депонијата, туку ќе можат побрзо да се вратат на терен и да продолжат со собирањето на отпадот.

Најави и дека во тек е и набавка на 2.600 нови контејнери, кои би требало да пристигнат за еден месец, што претставува една од најголемите набавки во последната деценија.

 

ИЗДВОЕНИ