Македонскиот ИКТ-сектор продолжува да биде еден од најсилните двигатели на економскиот пораст во државата достигнувајќи вкупни приходи од 1,77 милијарда евра во 2025 година и извоз од 676 милиони евра, покажуваат податоците презентирани на првиот македонско-грчки форум организиран од МАСИТ и од грчката асоцијација SETPE – информира денеска МАСИТ во соопштение.
Анализата на состојбите во македонската ИКТ-индустрија беше презентирана од Дамјан Манчевски, член на Управниот одбор на МАСИТ, кој ги претстави најновите показатели за порастот на секторот, неговото влијание врз економијата и трендовите што го очекуваат во наредниот период.
Според анализата на МАСИТ, секторот во 2025 година бележи пораст од 7,02 проценти на приходите и 7,13 проценти на извозот во однос на претходната година. Во индустријата работат 24.134 вработени во вкупно 3.367 активни компании.
Особено значаен е долгорочниот тренд на пораст. Во периодот од 2020 до 2025 година, приходите на ИКТ-секторот се зголемиле за 80 проценти, од 985 милиони евра на 1,77 милијарда евра, а извозот пораснал за дури 193 проценти, од 231 милион евра на 676 милиони евра. Во истиот период, бројот на вработени е зголемен за 44 проценти, а бројот на компании за 42 проценти.
– Овие бројки потврдуваат дека ИКТ-секторот одамна не е само една од перспективните индустрии во земјата, туку еден од клучните носители на економскиот развој, извозот и висококвалификуваните работни места. Порастот што го гледаме во изминатите години е резултат на континуирани инвестиции во луѓе, знаење и иновации, но и доказ дека македонските компании успешно се натпреваруваат на меѓународните пазари, изјави претседателот на МАСИТ, Јордан Димитриевски.
Анализата покажува дека ИКТ-секторот учествува со речиси 4,5 проценти во бруто-домашниот производ на државата и расте речиси двојно побргу од вкупната економија. Додека вкупниот економски пораст изнесува 3,8 проценти, секторот бележи пораст од 7,4 проценти.












