Игравме, фудбал, челик, џамлии, фанта, дундерек, дама, карти… сите заедно, и Македонци, и Турци, и Албанци, и Срби, и Босанци, раскажува Месут Неби за Скопје некогаш, во кое секоја соседна куќа била како да ти е дом. Со восхит се сеќава на детството, детските игри и на маалскиот живот. Вели дека сè уште му се свежи сликите од детството и оти за разлика отсега, кога децата постојано се на телефони, компјутери, порано се играле разни игри. Раскажува и за првата роденденска прослава на која присуствувал, кај својот другар Владо Дабовиќ, кого успеал да го најде по 50 години, на „Фејсбук“, но и за еснафите од Старата скопска чаршија, каде што го поминал детството

 

Стариот скопјанец Месут Неби раскажува за тоа колку убав бил соживотот некогаш во Скопје. Со восхит се сеќава на детството, детските игри и на маалскиот живот.

– Нашата куќа беше во средината на Старата скопска чаршија, таму каде што е хотелот „Арка“ денес. Тогаш сите куќи беа поврзани со капиџик (мала врата), така што можеше да се излезе од едно во друго маало преку капиџик. Обично кај капиџикот имаше бунар за вода, за комшиите заедно да го користат. Многу беше развиен комшискиот живот – раскажува Месут.

Вели дека сè уште му се свежи сликите од детството и оти за разлика отсега, кога децата постојано се на телефони, компјутери, порано се играле разни игри. А, играле сите заедно, без разлика дали биле Македонци, Турци, Албанци, Срби, Босанци.

– Ние, децата, речиси цел ден игравме фудбал, челик, џамлии, фанта, дундерек, шах, дама, карти… Во маалото имаше деца од разни националности и игравме сите заедно: Македонци, Турци, Албанци, Срби, Босанци. Кога ќе се изморевме, ќе влезевме во некоја куќа, ќе ни дадеа парче леб со шеќер и ќе продолжевме пак да играме – Месут ги пренесува сеќавањата со насмевка на лицето.

Тој додава дека му биле интересни децата од офицерските згради: Владе, Ване, Мишко, Гец…

– Излегуваа со дресови, патики, со фудбал и се дружеа со нас. Игравме сите заедно и се дружевме. Никогаш нема да заборавам, имав некаде десетина години кога мојот другар, Владо Дабовиќ, ме покани на својот роденден дома. Тоа беше првата роденденска прослава на која присуствував. Владо Дабовиќ, по повеќе од педесет години, го најдов на „Фејсбук“, многу се израдував. Сега често се гледаме и комуницираме – се навраќа Месут.

Тој додава дека имало многу еснафи во Чаршијата, во тоа време: Мурат-ага, Џабир-ага, Џавит-ага, Хаки-ага, Сабри-ага, Февзи-ага, касапот Тефик, пајтонџијата Сали-ага, пајтонџијата Казим-ага…

– Сите еснафи од Чаршијата имаа особена почит кон татко ми и кон мене. Татко ми, Хафиз Сами, беше оџа во најголемата џамија во Скопје, „Султан Мурат“. Пред него, дедо ми, Хафиз Јусуф, служел во таа џамија. Татко му на Хафиз Јусуф, Неби ефенди, бил мудериз и работел како кадија, а исто и таткото на Неби ефенди, Хафиз Мустафа, работел како кадија – нагласува Месут, потенцирајќи дека еснафите и Чаршијата се нешто што не се заборава.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ