Во текот на изминатиов викенд, непознати сторители опожариле четири садови наменети за одлагање на комуналниот отпад.
Опожарени се два пластични контејнера со зафатнина од 1,1 кубен метар, лоцирани во населбата Ново Лисиче во Општина Аеродром, како и два метални контејнера со зафатнина исто така од 1,1 кубен метар, лоцирани на булеварот „Македонско-косовска бригада“, во општината Чаир.
Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ информираат дека опожарените садови ќе бидат заменето со нови, за да не се наруши динамиката на одлагање, собирање и транспорт на комуналниот отпад. Притоа апелираат да престане уништувањето на садовите за одлагање отпад, со цел екипите на претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, согласно со Оперативната програма за работа.
– Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи и се очекува да бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите – нагласуваат од ЈП „Комунална хигиена“.
Инаку, во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ отстраниле вкупно 760 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одложени на јавни и соoбраќајни површини во сите скопски општини.
Најголемо количество отпад од диви депонии – вкупно 190 кубни метри, било расчистено во општината Центар.
Воедно, во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во општината Кисела Вода, биле реализирани екопредавања за правилно постапување со отпадот и придобивките од неговата примарна селекција.
– Со едукативните активности беа опфатени вкупно 100 ученици од четвртите одделенија во училиштето – нагласуваат од претпријатието.












