понеделник, ноември 16, 2026
Дома СКОПСКА Кремка ги доби својот дом и грижа 

Кремка ги доби својот дом и грижа 

1

Повеќе од две години, Кремка го чекаше својот дом во боксот на ЈП „Лајка“. Минатата недела таа се пресели во канцелариите на една компанија, каде што вработените ѝ уредија свое катче и се грижат за нејзините секојдневни потреби – храна, прошетки и многу љубов.

– Кремка е полуслепа и има повреда на ногата од удар од автомобил, а ние бевме свесни дека шансите да биде вдомена беа мали. Но, со нејзиното вдомување се разбија две стигми – во однос на вдомување кучиња со хендикеп и тоа од страна на компании – соопштија од ЈП „Лајка“.

Од претпријатието додаваат дека нежната природа на ова улично куче ги освоила вработените, а денес таа е дел од нивното работно секојдневие.

– Кремка е едно од петте кучиња од ЈП „Лајка“ што добија дом во периодот од 9 до 15 ноември. Во истиот период, нашите тимови заловија 30 бездомни кучиња. Во прифатилиштето беа третирани 21 куче, а 18 беа вратени на локациите од кои беа заловени – информираат од претпријатието.

Оттаму велат дека имаат и други кучиња кои со години чекаат дом. Притоа ги повикаа компаниите што имаат простор и можат да преземат долгорочна грижа да појдат во  „Лајка“ и да ги запознаат кучињата.

– За некои од тие кучиња, катче во канцеларијата и луѓе кои секојдневно ќе се грижат за него ќе значи и едно куче помалку по скопските улици – нагласуваат од ЈП „Лајка“.

 

 

ИЗДВОЕНИ