Евролигата подготвува големи промени во својата организација, а влезот во најелитното европско клупско натпреварување би можел да стане вистински луксуз. Директорот на натпреварувањето, Џус Буено, откри колку ќе чини добивањето франшизен статус, а сумата е навистина импресивна – меѓу 80 и 85 милиони евра!

Раководството на Евролигата, предводено од Дејан Бодирога и Буено, работи на нов модел кој предвидува доделување шест франшизни статуси, како и тригодишни договори за уште четири клубови.

Според информациите објавени во италијанските медиуми, шесте франшизи би им припаднале на Валенсија, Париз, Дубаи, Максима Рома, Хапоел Тел Авив и ПАОК. Од друга страна, Партизан, Црвена ѕвезда, Виртус и Наполи се споменуваат како клубови кои би добиле тригодишни договори.

Буено, во интервју за „Јурохапс“, потврди дека имињата кои протекоа во јавноста се во голема мера точни, но најголемо внимание привлече неговото објаснување за финансиската страна на проектот.

  • Оваа компанија вреди 1,5 милијарди евра. Вредноста на акциите на клубовите се движи меѓу 80 и 85 милиони. Значи, ако сакате да станете франшиза, треба да платите меѓу 80 и 85 милиони евра. Толку е едноставно, изјави директорот на Евролигата.

Тој нагласи дека при изборот биле земени предвид спортската конкурентност, финансиската стабилност, арените и инфраструктурата на клубовите. Притоа, призна дека не сите 15 екипи кои аплицирале можат веднаш да добијат франшизен статус.

Буено се осврна и на конкуренцијата со проектот НБА Европа, нагласувајќи дека Евролигата има сопствен план и нема намера да се откаже од неговата реализација.

  • Евролигата има свој план и не ѝ е потребна НБА за да успее. Нашиот сегашен план е многу успешен и ќе продолжиме напред со проектот за франшизи. Нема да застанеме, порача тој.

Интересно е и тоа што Евролигата сака во иднина да им помогне и на клубовите кои нема да добијат франшиза во првата фаза. Како пример беше споменат лондонскиот клуб „Лондон Лајонс“, кој наводно гледа кон 2030 година.

Сепак, пораката е јасна: европската кошаркарска елита влегува во нова финансиска ера, а оние што сакаат долгорочно место меѓу најдобрите, ќе мора да обезбедат сериозни финансиски средства.

ИЗДВОЕНИ