петок, јуни 5, 2026
Дома СКОПСКА Центар воведува нови услуги за инклузија, ментално здравје и поддршка на младите...

Центар воведува нови услуги за инклузија, ментално здравје и поддршка на младите во ризик

40

Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка на здруженија даватели на социјални услуги, со цел да се обезбедат нови сервиси и поддршка за ранливите категории граѓани. Со повикот се поддржуваат програмите што придонесуваат за инклузија, заштита на менталното здравје и превенција кај младата популација.

Средствата се наменети за: индивидуализирани услуги со „асистивна“ технологија за децата, младите и за лицата со сите видови попреченост, вклучително и аутизам, преку обезбеден пристап до компјутер и Интернет; превенција и поддршка за младите во ризик од злоупотреба на дроги, преку психосоцијална, психотерапевтска и психијатриска поддршка за нив и нивните семејства; поддршка за младите во процес на ресоцијализација; центар за ментално здравје кај децата, со обезбедување психосоцијална и дефектолошка поддршка; зелена социјална работа со воведување еколошка перспектива, со цел градење инклузивна и зелена средина и вклучување на младите и децата во активностите со еколошка компонента.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека станува збор за услуги и сервиси со силен фокус на инклузијата и еднакви можности за сите.

– Општина Центар обезбедува социјална заштита за ранливите категории и создава стимулативни услови за развој на младите. Преку ваквите програми, даваме поддршка и помош таму каде што е најпотребно – нагласи Герасимовски.

Рокот за поднесување на пријавите е 10 дена од објавувањето на општинската веб-страница https://www.centar.gov.mk/medija/soopshtenija-javen-povik/260403-javen-povik-za-pribirane-barana-za-koristene-sredstva-od.

 

 

ИЗДВОЕНИ